Иван Ракитиќ ќе смени средина по завршување на сезоната и од наредната ќе биде член на Интер. Ова го тврди угледниот италијански весник „Газета дело Спорт“ во чиј текст се нагласува дека милиметри ги делат Барселона и „нероазурите“ од договор за сумата на обесштетување.
Калчолигашот наводно понудил 35 милиони евра, Каталонците за хрватскиот репрезентативец бараат 45, па оттука и заклучокот дека двете страни се часови до наоѓање на средина во зависност од дополнителните бонуси што ќе бидат вклучени за популарниот Ракета.
Авторот на текстот лицитира дека конечната сума за отштета за Ракитиќ ќе изнесува 40 милиони евра, а Интер ќе понуди тригодишна соработка со една од најважните алки во играта на Барса.
Хрватскиот репрезентативец моментно заработува 5,5 милиони евра по сезона на „Камп Ноу“ во договорот што го врзува со Каталонците до 2021 година.
Ангажманот на Ракитиќ на „Џузепе Меаца“ се толкува како обид на раководството на „нероазурите“ да направат тим за прекинување на доминацијата на Јувентус во Серија А. Во таа насока се потенцира и комплетираниот трансфер на искусниот уругвајски дефанзивец Диего Годин од Атлетико Мадрид.