Тите останува селектор на фудбалската репрезентација на Бразил до 2022 година. Досегашниот предводник на „кариоките“ успеа да ги убеди челните луѓе на Федерацијата дека е вистинскиот и да издејствува продолжување на соработката до Светското првенство во Катар.
Бразилците беа елиминирани од Белгија во четврт-финалето на мундијалот во Русија, но очигледно тоа не се одрази врз неговото работно место во националниот тим.
„Искуството од првиот циклус е воспоставениот однос на доверба меѓу нас што ќе се рефлектира и во нашиот втор заеднички чекор. Ова за мене е голем предизвик и среќен сум што ќе останам фокусиран на натпреварите и предизвиците во иднина“, изјави Тите.
Пред репрезентативниот ангажман, 57 годишниот тренер работеше воглавно во бразилските клубови. Најголеми успеси притоа оствари како кормилар на Гремио, на Коринтијанс и на Интернасионал. Со Коринтијанс беше двапати шампион на Бразил, а по еднаш го предводеше клубот до трофеј во Копа Либертадорес и на Светското клупско првенство. Во два наврата работеше и во Обединетите Арапски Емирати како тренер на Ал Аин и на Ал Вахда.