Шпанија се пласира во четврт-финале на Европското фудбалско првенство по триумфот по продолженија над Хрватска со 5:3. Мечот во основниот дел заврши без победник – 3:3.
„Фуријата“ во 77 минута имаше комотни 3:1 и многумина во тие моменти ја видоа како четвртфиналист, но „коцкестите“ со головите на Мислав Оршиќ во 85 минута и на Марио Пашалиќ во судиското екстра време се изборија за дополнителни 30 минути фудбал на стадионот „Паркен“ во Копенхаген.
А, во нив Шпанците со два гола ја запечатија судбината на Хрватска. Првиот беше дело на оспоруваниот Алваро Мората во 100-та минута, а три минути по него погоди и Микел Ојарзабал за конечни 5:3.
Вечерашната понуда од ЕП 2020 ја носи и пресметката во Букурешт меѓу Франција и Швајцарија од 21 часот.