Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ , Никола Груевски во специјалното издание на магазинот „Седмица“ на ТВ Алфа обвини дека членови на ВМРО-ДПМНЕ се прислушувани во последниот период.
„Во службата е отворено досие „Македонски екстремизам и тероризам“ службите имаат цел да прислушуваат 100 лица од ВМРО-ДПМНЕ“, рече Груевски.
Тој рече дека нема кому да се пожали во врска со ова бидејќи друг владее со службите.
„Според информациите што ги имаме засега, прислушувањето го се врши во Министерството за внатрешни работи, од луѓето кои работат таму. Ако сакаат да го демантираат тоа, ќе треба да дозволат да се направи увид“, рече Груевски.
Како причина за поразот на неговата партија на овие избори, Груевски ги наведе недемократската атмосфера и застранувањето на партијата од традиционалните политики.
„Имаше страшен терор, уцени, закани, заплашување и многу поткуп на гласачите од страна на актуелната власт во досега невидени размери. Сево ова се случувало и во минатото на други избори, но во вакви размери, јас не се сеќавам дека имало во Република Македонија. Практично, имавме убиен човек во изборите, кандидат за градоначалник и актуелен градоначалник со скршен череп, искршени изборни штабови. Кога се случува сето ова, можете да замислите што се си помислува обичниот човек. Ова беа африкански избори“, рече Груевски.
Тој додаде дека овие за овие неправилности ги известиле и амбасадорите на европските земји, како и ОБСЕ и ОДИХР, но во нивните очи се гледало дека не сакаат да им помогнат.
„Ни велеа благодариме што ни ја посочивте вашата точка на гледање. Истото беше и со амбасадорите на европските земји. Сметаме дека ним им одговара СДСМ да има апсолутна власт за да можат да решат некои крупни прашања за нашата држава. Мислите ние да се согласевме да го смениме името, Заев некогаш ќе беше премиер?“, рече лидерот на опозицијата.
Груевски призна и дека на овие избори ВМРО-ДПМНЕ било казнето затоа што малку застранило од традиционалните политики на партијата со цел да привлече и други гласачи.
„ВМРО-ДПМНЕ беше казнето и беше испратена порака до мене и до раководството на партијата. ВМРО-ДПМНЕ имаше традиционални политики и дел од членството и симпатизерите оценија дека извршивме отстапување од сопствениот идентитет, кој го градевме речиси 15 години. Идентитет кој се заснова најмногу на заштита на националните и државните интереси и се разбира на градење на проекти за подобар живот на граѓаните. Отстапувањето некои го почувствуваа во првиот дел и многу не излегоа да гласаат, за да го казнат ВМРО-ДПМНЕ и за да испратат порака до мене и до раководството на партијата дека не се задоволни. Всушност, на овие избори ние се обидувавме да им се допаднеме на некои други и тоа не им се допадна на нашите традиционални гласачи. Се обидувавме да им се допаднеме на некои гласачи кои традиционално не гласаат за нас или на некои други фактори гледајќи што се случи во доближувањето што го направи СДСМ, но кај дел од нашите гласачи тоа не беше добро примено и на некој начин тие одлучија да не казнат и да ни испратат порака. Тоа се главни работи, тој традиционален идентитет претпоставуваше да се биде силно против и на влијанието на некои надворешни фактори, кои засилено се мешаат во внатрешните работи на Македонија, особено во последниот период. Актуелните политики кои ги преземавме очигледно беа несоодветни во тој дел. И оние кои не излегоа на гласање, а не беа заплашувани или не им влијаеше заплашувањето, практично не казнија поради сето тоа“, рече Груевски.
Тој додаде дека е важно и дека треба како партија да го зачуваат својот идентитет, а исто така треба да се зачува и идентитетот на Република Македонија.
„Мораме да извлечеме заклучок и да направиме длабинска анализа. Ова е само првична анализа. За цела ситуација и резултатите на локалните избори најголемата одговорност ја имам јас и не бегам од тоа. По изборите ќе направиме анализа и ќе одлучиме што ќе правиме понатаму. Во секој случај ќе донесеме одлука за доброто на партијата“, рече тој.
Груевски обвини дека имало ситуација во која на дел од лица кои учествувале во нападите од 27 април, им било кажувано да излезат да гласаат, па можеби и нема да бидат кривично гонети.
Тој рече дека во ниту една држава нема пресуда од 4 години затвор за кубење за коса.
„Ние сме за тоа да има правда, но таа казна е превисока. Зошто ако СДСМ планира да носи Закон за амнестија, да се осудуваат оние кои влегоа на 27 април во Собрание. Убијци на пет деца да се ослободат, а оние кои влегоа понесени од емоции во Собрание да ја заштитат државата, да бидат осудени. Нека ме уапсат мене и нека ми дадат доживотен затвор, но нека не гонат луѓе кои со емоции влегле во Собрание. Сочувствувам со раната која Заев ја имаше на челото, но зошто таа рана да е поголема од раната на оние кои изгубија блиски од семејството. Ослободуваат лица кои убиле деца, ги ослободуваат обвинетите од Монструм и над 1050 криминалци. Без оглед дали Груевски ќе биде лидер на ВМРО-ДПМН, Заев да го скрши духот на народот“, изјави Груевски.