Лидерот во оставка, Никола Груевски на Конгресот во Валандово беше прогласен за почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ и му беше доделена  плакета за благодарност за неговата работа во партијата.

Груевски, во својот долг говор на Конгресот на кој се избира негов наследник изјави дека партијата го започнува походот кон новата победа и враќање на власт.

Груевски рече дека жали што конгресот се случува во вакви емотивни и невообичаени околности кога партијата е истовремено нападната однадвор, но и под внатрешен притисок и неразбирлива реакција од неговите членови.

„Останав цврст и стабилен и при најтешките удари, и тешко ми паѓа кога преку ноќ ќе видат вакво однесување на мои блиски соработници кои се наоѓаат под притисок“, рече Груевски.

Тој најави и Закон за амнестија за настаните од 27 април.

„ВМРО-ДПМНЕ веќе подготви закон за настаните од 27 април и наскоро ќе се појави во парламентот кој се надевам дека ќе биде прифатен“, кажа Груевски.

Тој ги набројуваше и успесите на партијата и изрази благодарност до членовите и соработниците кои го поддржувале.