Утре во Брисел се одржува нова рунда преговори помеѓу Белград и Приштина со посредство на високата ЕУ претставничка Федерика Могерини.
На разговорите утре ќе присуствува највисокото раководство на двете земји а средбата беше свикана поради последните тензии помеѓу Белград и Приштина по апсењето на Рамуш Харадинај и настанот со српскиот воз. Овие настани доведоа во пораст на тензиите и повици за прекин на преговорите. На ова се додаде и изјавата на српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ кој изјави дека албанската дијаспора има план да заземе некое од српските дипломатско-конзуларни претставништва во САД или Европа.
Воочи разоговорите косовскиот претседател Хашим Тачи ја повика соседна Србија да ја признае независноста на неговата земја и да го заврши процесот за нормализација на односите „врз основа на европската перспектива на двете земји.“
Последната рунда разговори се одржа пред повеќе од една година.
“Време е да се отвори последното поглавје од дијалогот меѓу Косово и Србија, поглавјето за нормализирање на билатералните односи, вклучително нормализација во полето на политиката, безбедноста, економијата и регионалните и евроатланските интеграции“, рече Тачи.
ЕУ смета дека “напредокот во нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија е од огромно значење“.