Православните христијани во земјава денеска го слават Рождеството Христово-Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат божикни литургии. Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе богослужи литургија на Св.Василиј Велики.
Македoнските православни верници вчера го прославија Бадник а денеска го слават Христовото раѓање со традиционалната честитка: Христос се роди! – Навистина се роди! Во сите храмови на Македонската православна црква утринава со биење на камбаните и со литургии се најавува доаѓањето и прославата на Божик. Втора година по ред, Божик се слави во поинакви услови поради пандемијата на коронавирусот.
По повод Божик, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заедно со Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот торжествен поздрав – Христос се роди.