Партиите молчат. Универзитетите молчат. Академската јавност, со чесни и ретки исклучоци, молчи. Најголем дел од граѓанскиот сектор што живее од проекти за европски вредности, демократија и човекови права – молчи. Медиумите ја сведуваат Украина на повремена преведена вест, без контекст, без анализа и без елементарно чувство дека таму се решава и иднината на Европа.
Џабир Дерала
Јули 2026 година донесе нови настани, некои од нив и крајно вознемирувачки, но не донесе ништо суштински ново во тоа како се однесуваат политичарите, олигарсите, медиумите и општеството. И, за жал, донесе уште докази дека политиката не функционира во служба на јавниот интерес, туку во служба на моќниците.
Во операција што ја најавуваше од ноември минатата година, девет месеци подоцна, владата се (пре)породи. Д-р Мицкоски ја изведе козметичката операција на средината на јули, во екот на туристичката сезона и топлотниот бран. Реконструкцијата се состоеше од смена на осум од 23 министри и укинување на едно министерско место. И… „Едно големо ништо“ гласи насловот на анализата на одговорите на ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ што ЦИВИЛ го поставува речиси три години секој работен ден). Слични беа констатациите во анализата на проф. д-р Александар Иванов во „Политичкиот инженеринг на летниот вакуум“ (ЦИВИЛ МЕДИА, 17 јули) и мојата анализа „Реконструкција без реформски потенцијал: Нова шминка на старото лице на власта, државата останува блокирана“ (ЦИВИЛ МЕДИА, 1 јули), објавена неполни две недели пред да биде изгласан новиот состав на владата, како и низа други анализи и коментари објавени во јули.
Премиерот ги испофали оние што ги разрешува како чесни, професионални и достоинствени, а потоа ги испрати дома без да објасни зошто, ако биле толку успешни, морале да заминат. Реконструкцијата беше изгласана со 69 гласа, откако опозицијата ја напушти седницата. Нема ништо што може да ги поткрепи тврдењата на пи-арот на премиерот за „нова фаза“, а уште помалку „нов почеток“.
Ниту една погрешна политика не беше признаена. Ниту еден неуспех не беше именуван. Ниту еден министер не замина поради одговорност што ѝ беше соопштена на јавноста. Само добивме нови лица, нови фотографии и старата реченица дека почнува „нова фаза“.
Кога една влада ги менува министрите, а не ја менува политиката, тоа најмалку може да се нарече реконструкција. Нови политички зделки, замајување на јавноста, ротација на функции за да се задоволат коалициските апетити – тоа може, но не повеќе од тоа. Сигурно.
Особено илустративно, иако само по себе далеку од значаен потег, е укинувањето на функцијата задолжена за „добро владеење“ и префрлањето на нејзините надлежности поблиску до кабинетот на премиерот. Тоа не е клучниот проблем на оваа власт, но е мошне прецизна слика за нејзината политичка логика. Во земја со сериозни проблеми со корупцијата, партизацијата и институционалната неодговорност, власта не само што не го зајакнува доброто владеење, туку и отворено ја нагласува својата потреба од натамошно централизирање на моќта.
Стојиљковиќ – рокада и простаклук
Истовремено, Иван Стојиљковиќ беше преместен од Министерството за односи меѓу заедниците во Министерството за локална самоуправа. Така, политичар чии настапи и врски со години се синхронизирани со руската пропаганда вгнездена во политиката и општеството и со длабоките врски со „српски свет“ доби ресор со непосредно влијание врз општините и локалните структури. Тоа не е безначајна кадровска ротација. Локалната самоуправа е еден од најважните сектори за распределба на ресурси, политичко влијание и создавање долгорочни мрежи на лојалност.
Владата и отворено, јавно, останува во политичката орбита на Белград и Москва. Но, јавноста беше повикана да гледа во списокот со имиња, а не во архитектурата на моќта.
Реконструкцијата беше придружена со уште една демонстрација на политичката култура што оваа власт ја практикува во институциите. Или, да се послужам со точниот назив – простаклук.
Премиерот од собраниската говорница употребуваше навредливи квалификации кон опозициски пратеници, додека за време на паузата беа пријавени и жестоки вербални напади од владиниот миленик Стоилковиќ. Опозицијата ја напушти седницата, а претседателот на Собранието најави дека ќе разгледува мерки.
Навредата и ароганцијата остануваат метод на владеење.
Пораката е едноставна: премиерот може да понижува, министрите можат да се однесуваат како партиски тепачи, а институцијата потоа ќе дискутира дали можеби бил прекршен некаков ред.
Парламентарното мнозинство повеќе не го доживува Собранието како место каде што власта одговара пред јавноста. Го доживува како анекс-сала на партиското седиште, со микрофони, имунитет и директен телевизиски пренос.
Судството и правда – граѓаните да пријават дека државата им е украдена пред очи
Европската комисија во својот Извештај за владеењето на правото за 2026 година предупреди на сериозна загриженост поради притисоците и мешањето на другите гранки на власта во судството. Само 21 процент од граѓаните и 19 проценти од компаниите ја оцениле независноста на судството како добра – значителен пад во споредба со претходната година. А и тоа е многу висока оценка, но да не навлегуваме сега во темата за истражувањата и анкетите.
Во извештајот се нотираат личните напади врз судии и обвинители, говорот за „чистење“ на правосудството, кампањите за дискредитација и ризикот од политизација на постапките против јавни обвинители.
Владата сака независно судство само кога судството ќе донесе одлука што ѝ одговара. Кога не ѝ одговара, тоа е „заробено“, „корумпирано“ и подготвено за чистка.
Тоа е класичната авторитарна формула: не се бара судство независно од политиката, туку судство зависно од „вистинската“ политика.
Во истиот месец јули, поранешниот премиер Никола Груевски беше ослободен во предметот „Талир 2“, а судот го одби барањето за конфискација на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Судијата јавно посочи дека исходот е директна последица на измените на Кривичниот законик од 2023 година, врз кои тогашната опозиција, а сега власт, имаше директно влијание што траеше повеќе од една и пол година.
И тука никој нема право да глуми невин.
ВМРО-ДПМНЕ ја доби судската одлука што ја посакуваше. СДСМ и ДУИ претходно попуштија под притисокот на тогашната опозиција (и олигархија) да создадат законски излез низ кој предметите за висока корупција почнаа да исчезнуваат. Денешната опозиција сега плаче пред пожарот што не го изгаси кога можеше. Притисоците и блокадите, од оваа временска дистанца, малку вредат како аргумент.
Едните го добија партискиот имот. Другите добија прес-конференција за осуда. Граѓаните добија уште еден доказ дека во Македонија одговорноста има рок на траење, а неказнивоста има моќни политички спонзори од сите бои.
Ах, да! Премиерот ги повика граѓаните да пријавуваат корупција и најави бесплатна телефонска линија. Телефонска линија наместо институции. Кампања наместо обвинителство. Односи со јавност наместо владеење на правото.
Можеби граѓаните треба да пријават дека државата им е украдена пред очи.
Изолационизам во служба на руско-српскиот свет
Бугарските условувања се неправедни. Билатерализацијата на процесот на проширување е една од најштетните грешки што Европската Унија ги направи на Балканот. Брисел со години дозволува една земја членка да го претвора европскиот процес во инструмент за историски и идентитетски притисок. Сето тоа се аргументи што ги слушаме четири години.
Дури и да се прифати ставот за „неправдата што ни ја прави Бугарија“, тоа ни оддалеку не е дозвола Владата да не прави ништо. Условите веќе не се само билатерално барање на Софија, туку се вградени во преговарачката рамка усвоена од Европската Унија. Токму затоа, повторувањето на истата реторика не претставува политика, туку алиби за отсуството на стратегија, дипломатска иницијатива и вистински реформски напор.
Во јули премиерот повторно ги нарече барањата за уставни измени „булинг“ и порача дека под такви услови нема да има промени. Претходно тврдеше дека Владата ќе чека некаков нов, „конструктивен“ европски предлог.
Значи, официјалната стратегија е чекање. Јас тоа го преведувам со изолационизам во служба на руско-српскиот свет.
Додека Македонија чека, на 14 јули Европската Унија одржа пристапни конференции со Украина, Молдавија, Албанија и Црна Гора. Албанија и Црна Гора затвораа преговарачки поглавја, а Украина и Молдавија продолжија со отворање нови области од процесот.
Владата го претставува сопственото отсуство на стратегија како национално достоинство. Но, достоинство без дипломатска иницијатива, без реформски напредок, без сојузници и без план е само евтина бижутерија, што би рекол еден мој колега – украс за стагнацијата.
Никој од Брисел не ја спречува Владата да го департизира јавниот сектор, да ги зајакне независните институции, да се бори против корупцијата, да ги заштити новинарите и да престане со нападите врз судството.
За тоа не се потребни уставни измени. Потребна е политичка волја.
На власта, повеќе од очигледно, ѝ одговара блокирана држава. Во блокирана држава секој неуспех може да му се припише на Брисел, Софија, опозицијата, „предавниците“, Џабирите (израз на Драган Ковачки), странските амбасади или на некој заговор што допрва треба да биде измислен.
Култура и вода
Во име на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, власта се обиде по скратена постапка да протурка посебен закон со кој фондацијата задолжена за проектот не би морала да го применува Законот за јавни набавки. Предлогот беше повлечен дури откако реакциите станаа прегласни за да бидат игнорирани.
Иронијата е речиси совршена: европска престолнина на културата да се подготвува со закон што ги заобиколува европските принципи на транспарентност.
Кога ќе ги фатат, велат дека ќе има јавна дебата. Како јавноста да е противник што мора да се измори, а не носител на суверенитетот.
Во меѓувреме, кризата со водата покажа дека распадот не е локален инцидент, туку национален систем на негрижа. Гостивар, каде што илјадници граѓани побараа медицинска помош, беше најгласниот аларм, но не и единственото место во кое водата од чешмите стана ризик за здравјето. Проблеми беа регистрирани и во Крушево, Валандово, Пласница, Преглово и други населени места, додека Специјализираната болница за белодробни заболувања во Лешок цела деценија нема безбедна вода за пиење. Наместо кризата да биде третирана како прашање на јавното здравје, човековите права и националната безбедност, политичките актери ја претворија во натпревар за дневнополитички поени, меѓусебни обвинувања, па дури и етнички манипулации.
Додека партиите бараа виновници исклучиво во противничкиот табор, граѓаните чекаа пред цистерни или се прашуваа дали водата од нивните славини е безбедна. Не беше понуден сеопфатен план за итно испитување на водоводните системи низ целата земја, мапирање на ризиците, заштита на изворите и мрежите, ниту сериозна стратегија за користење на европските фондови за трајно обновување на запуштената инфраструктура. Така, кризата со водата стана совршена слика на начинот на кој се управува со државата: институциите реагираат откако штетата ќе стане видлива, политиката ја киднапира темата, одговорноста се раствора меѓу надлежностите, а основните потреби и здравјето на луѓето остануваат последни на списокот.
Можеби ова е земја во која граѓаните не знаат дали водата е безбедна, но затоа премиерот секогаш знае кој е виновен за сѐ.
Амнезија и политички ’рбет
Збор-два и за опозицијата. Не може да се брани правната држава само откако ќе се загуби власта, ниту демократијата станува поважна дури кога институциите ќе преминат во рацете на политичкиот противник. СДСМ и ДУИ не стануваат демократска опозиција само затоа што се преселиле од министерските кабинети во партиските прес-сали. Тоа се партии што со децении учествуваа во градењето, одржувањето и користењето на истиот систем што денес го прогласуваат за заробен. Тие не се само негови поранешни управители, туку и негови косопственици.
Партизацијата, клиентелизмот, селективната правда и институционалната недопирливост не започнаа ниту се развиваа подеднакво во сите влади. Коалицијата предводена од СДСМ во 2017 година наследи заробена држава и длабоко вкоренет режимски систем создаден во времето на Никола Груевски. Во услови на тесно парламентарно мнозинство, тешки политички компромиси, пандемијата, повеќекратните кризи, Преспанскиот договор, членството во НАТО, руската агресија и европската рамка од 2022 година, таа власт направи значајни историски исчекори, но не успеа доволно длабоко да го демонтира системот што го наследи.
Тоа е нејзината вистинска одговорност – не ја искористи докрај можноста да ги ослободи институциите од груевистичките механизми, да воспостави повисоки стандарди на одговорност и да ја прекине политичката култура на клиентелизам и неказнивост. Дел од причините беа објективни, но дел беа резултат и на сопствени слабости, компромиси, кадровски грешки и недостиг од политичка храброст.
Денешната власт не го наследи само тој недовршен процес. Таа свесно ги враќа и зајакнува токму оние практики против кои беше изведена демократската промена што ја започнаа студентите во 2014 година и граѓанското општество во 2015-2016 – со повеќе централизација, отворена партизација и без толеранција кон критиката.
Проблемот, значи, не е само што власта назадува од демократијата. Проблемот е што опозицијата сè уште не покажала дека научила зошто ја загубила власта, а коалициските партнери не покажуваат дека имаат ниту волја ниту политички ’рбет да го запрат назадувањето.
И – ако го рашириме кадарот – ќе добиеме слика на општество во кое сите зборуваат за принципи, додека преговараат за позиции и рекетираат. Зборуваат за реформи, додека ја мерат „квадратурата“ на ресорите. Зборуваат „во името на народот“, а постапуваат според потребите на партиските шефови.
Украина исчезна од македонската совест
Постои и еден молк што е погласен од сите прес-конференции.
Додека руските напади секој ден убиваат цивили, уништуваат домови и ја тероризираат цела Украина, најголем дел од македонската политичка сцена се однесува како војната да завршила или како никогаш да не почнала.
Во првата половина од 2026 година, Обединетите нации регистрираа 1.396 убиени и 7.978 повредени цивили во Украина – 37 проценти повеќе отколку во истиот период претходната година.
Партиите молчат. Универзитетите молчат. Академската јавност, со чесни и ретки исклучоци, молчи. Најголем дел од граѓанскиот сектор што живее од проекти за европски вредности, демократија и човекови права – молчи. Медиумите ја сведуваат Украина на повремена преведена вест, без контекст, без анализа и без елементарно чувство дека таму се решава и иднината на Европа.
Секако, има исклучоци. Но, тие се премалку за да ја скршат општата рамнодушност.
Овој молк не е неутралност!
Во информациска војна, молкот ја брише жртвата и му помага на агресорот. Тој ѝ дозволува на руската пропаганда постепено да ја замени реалноста со замор, релативизација и циничното прашање: „Зошто тоа би нè интересирало нас?“
А сите се засегнати. Зошто? Затоа што држава што не може јасно да препознае агресија на една држава врз друга, не може да ја препознае ни сопствената политичка и информациска окупација.
Авторитаризмот не носи чизми и не патува во тенкови
Јули ни покажа држава во која реконструкцијата служи за прикривање на неуспехот, Собранието за навредување на противниците, судството за политичко дисциплинирање, европската блокада за националистичка мобилизација, а антикорупцијата за телефонски кампањи.
Некои ќе кажат дека ова сè уште не е целосно воспоставен авторитарен режим. Можеби. Но, тоа се неговите навики.
Авторитаризмот веќе одамна не облекува чизми и не патува со тенкови. Доаѓа со закони по скратена постапка, партиски именувања, секојдневни директни преноси на премиерот, навреди кон критичарите, притисок врз судиите, релативизирање на корупцијата, судски процеси против новинари и бранители на човекови права, олигархиски спреги… и изморена јавност што веќе не верува дека има смисла да реагира.
Доаѓа со молкот на оние што знаат подобро, но процениле дека е попаметно да не се замерат. Да се преправаат дека кадровските ротации се реформи. Дека национализмот е добар супститут за достоинство. Дека судската неказнивост е правда. Дека сојузништвото со авторитарни влијанија е прагматизам. Дека Украина е туѓа војна.
Е, па, не е.
Текстот е сопственоат на ЦивилМедиа.мк




