За десет месеци претседателот Ѓорге Иванов два пати го прекрши Уставот, а  не понесе одговорност. Два пати Иванов се правда дека сите негови одлуки се донесени за доброто на државата и на македонските граѓани, а со нив само ја разгоре кризата. Вака многубројните правни експерти ги опишуваа постапките на претседателот од аболицијата наваму. 

Што е импичмент и која е постапката за импичмент погледнете во видеото на НОВАТВ. 

(Не)уставно палење на огнот на кризата

Речиси два месеца по изборите, Македонија нема влада, а по вчерашната скандалозна одлука, мандатот да го додели на партијата што ќе му донесе потписи (откако еднаш го додели мандатот на партија која нема мнозинство), Иванов отиде на роденденска забава и на граѓаните на Македонија им порача да уживаат во животот, затоа што само еднаш се живее.

Претседателот Иванов е прв претседател во историјата на Македонија за кого е побарано импичмент. Минатата година, кога во април ја донесе одлуката да аболира 56 лица, опозицијата поддржана од ДУИ бараше Иванов да се повлече од функцијата.

Вчера пристигна и второто барање за импичмент на Иванов. Професорите по Уставно право и голем број од политичарите бараа импичмент затоа што Иванов одлучи мандатот да не го додели на опозицијата.

МАНДАТОТ ЌЕ ГО ДАДАМ НА КОЈ САКАМ

Во член 90 од Уставот пишува дека претседателот по завршувањето на изборите, мандатот треба да го додели на партијата или коалицијата која има собрано мнозинство во Собранието. Наместо оваа процедура, Иванов одлучи мандатот да му го додели на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски кој имаше само 51 пратеник или 10 помалку од она што е пропишано во Уставот. Со оваа одлука со која Иванов му овозможи на Груевски 20 дена да собере мнозинство, претседателот го прекрши Уставот.

Откако Груевски не го собра потребното мнозинство, му го врати мандатот на претседателот кој сега одлучи дека треба да постапи како што наложува Уставот и одлучи мандатот за формирање влада да го додели само на онаа партија која ќе прикаже доказ дека има мнозинство во Законодавниот дом. Иванов, вчера по средбите со лидерите на политичките партии на кои го соопшти овој негов став, имаше јавно обраќање пред граѓаните и новинарите, но не дозволи никој да му постави прашање или пак да побара објаснување зошто донел ваква одлука.

Дека Уставот е прекршен потврдуваат и двајцата професори по Уставно право, Светомир Шкариќ и Осман Кадриу. Спротивен став од нив имаше професорката Татјана Каракамишева која во интервјуа за провладините телевизии велеше дека мандатот треба да остане во рацете на мандатарот Никола Груевски.

Импичмент за Иванов денеска побара и лидерот на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов кој долги години беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

„По аболицијата на 56 носители на високи политички и државни функции, како и на нивните соработници, заштитата на партиските интереси на  ВМРО- ДПМНЕ, давањето на мандатот на партијата која нема мнозинство во Парламентот, а по неуспешниот обид да формира Влада, да го условува СДСМ да докажува дека има мнозинство од 61 пратеник, се доволни причини, Ѓорге Иванов да се повлече од функцијата. Тој е зрел за импичмент, но таква иницијатива ќе пропадне поради неможноста во Парламентот и Уставниот суд да се обезбеди двотретинско мнозинство“, се вели во соопштението на Демократскиот сојуз.

ИВАНОВ И АБОЛИЦИЈАТА

Демонстрациите познати како Шарената револуција се интензивираа откако Иванов одлучи да спречи кривични постапки за 56 лица за кои постојат сомневања дека направиле кривични дела.

На 12 април 2016 година, Иванов донесе одлука да ја запре/спречи/оддолжи постапката за сите лица за кои постои сомневање дека ќе бидат вклучени во истрагите на Специјалното јавно обвинителство.

Оваа одлука беше дочекана „на нож“ од експертската јавност – тогаш Иванов прв пат беше обвинет дека го крши Уставот. Но освен тоа, тој одзеде речиси три месеци од и онака кусите рокови кои ги има СЈО за да постапува по случаите. Донесе групна амнестија, за што е потребно да се донесе посебен закон во Собранието.

„Во последните две години во Македонија има политичка криза, најдлабока до сега. Две политички страни се завојувани и повеќе не избираат средства кои би ги употребиле во оваа политичка битка. Политиката во Македонија се претвори во тоа кој на кого повеќе кривични пријави ќе му поднесе. Со цел да ставам крај на оваа политичка криза, која ќе заврши со фер и демократски избори, согласно сите мои уставни и законски надлежности, донесов одлука да ги прекинам сите кривични постапки против политичари и од власта и од опозицијата“, рече Иванов.

По масовните протести, апели и предупредувања и од домашни и од меѓународни политичари и експерти, Иванов делумно ја повлече аболицијата.

По ова, опозицијата поднесе предлог за импичмент на претседателот, но по неколку дневна расправа и во собраниската комисија и на пленарна седница, мнозинството пратеници одлучија дека Иванов со групната аболиција не го прекршил Уставот и не треба да се бара одговорност од него.