Кинематограферот Кристиан Бергер лауреат на почесната „Камера 300“ и специјална „Камера 300“ за големиот руски режисер Андреј Кончаловски

Со скратена програма во две компетитивни селекции за долгометражен и краткометражен фим, од 16 до 21 септември во Битола ќе се одржи 42. издание на Интернационаниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Фестивалот ќе го отвори македонскиот филм „Сестри“ на Дина Дума кој на светската премиера во Карлови Вари ја освои специјлната награда од жирито.

Сцена од „Сестри“ на Дина Дума
Сцена од „Сестри“ на Дина Дума

„Имајќи ја предвид состојбата со епидемијата, ова фестивалско издание беше исклучително тешко да се подготви. Како што вели и годинешното фестивалско мото „И после се“, се надеваме дека приказната за најстариот фестивал на филмска камера во светот, успешно ќе ја продолжиме иако имаме скратена програма и малубројни гости“, рече директорот на фестивалот Мони Дамевски на денешната прес конференција.

Во клубот на великаните како добитник на „Камера 300“ за животен опус, годинава се приклучува Кристијан Бергер, кинематограферот на германскиот и австриски режисер Михаел Ханеке. Филмовите на Ханаке-Бергер освоиле бројни награди меѓу кои Оскар и две „Златни палми“ на Канскиот филмски фестивал, два „Златни глобуси“.

Кристиан Бергер; ФОТО: britishcinematographrer
Кристиан Бергер; ФОТО: britishcinematographrer

Специјална „Камера 300“ за придонес кон светската кинематографија фестивалот годинава му ја доделува на големиот руски режисер Андреј Кончаловски.

Во селекцијата на долгометражен филм има десет наслови.

„Водејќи се по принципот за потребниот потенцијал за квалитетот на кинематограферското достигнување, што е всушност главниот критериум за селекција на програмата на овој фестивал, направивме избор на најдобрите филмови кои се дел од престижните филмски фестивали како Карлови Вари, Кан, Берлин“, рече селекторот на програмата Слаѓан Пенев.

Според Дарјан Пејовски селектор на програмата за краткометражен филм не е тајна дека филмската дејност на глобално ниво, последниве две години претрпе силен удар – како во самата продукција, така и во, можеби, нејзиниот најсилен адут – допирот со публиката и заедничкото доживување на филмското дело.

„Tокму од овие причини, особено ми е драго што овогодинешната краткометражна натпреварувачка програма на ИФФК „Браќа Манаки“ докажува дека филмот има иднина, и како никогаш до сега, приказните се храбри, инвентивни и бескомпромисни“, рече Пејовски.

Селекцијата се состои од претежно европски, иако има филмови и од Иран и Перу, од релативно непознати до филмови што биле на големите филмски фестивали. Еден од тие е и домашниот “Северен пол”, на Марија Апчевска – единствениот македонски филм што бил дел од официјалната конкуренција на филмскиот фестивал во Кан.

Во обид да се мотивира помладата битолска филмска публика, непосредно пред почетокот на фестивалот ученици од основните и средните училишта ќе собираат отпад кој ќе го рециклираат со обработка на скулптури што ќе бидат изложени на локации во градот. Новина е што исто така младите ќе имаат можност со документарни филмови сработени со мобилен телефон да конкурираат за наградата „Наследник на Манаки“.

За време на фестивалот ќе се почитуваат сите протоколи за заштита од Ковид-19.

Ана Василевска