Мицкоски и Сиљановска признаа, Преспанскиот договор не го загрозил македонскиот идентитет, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за емисијата „360 степени“ на Македонската радио телевизија.
Мицкоски и Сиљановска признаа, Преспанскиот договор не го загрозил македонскиот идентитет
Филипче посочи дека ако се споредат поранешните со сегашните ставови на Сиљановска-Давкова и Мицкоски за Преспанскиот договор, јасно се гледа дека тие свесно со својата пропаганда ја манипулирале јавноста.
„Како говореше сегашната претседателка Сиљановска-Давкова, дека Преспанскиот договор е предавство, дека го загрозува националниот идентитет и дека таа никогаш нема да го користи уставното име. Како говореше премиерот Христијан Мицкоски дека тој е ВМРО-ДПМНЕ и дека Преспанскиот договор не е завршена работа. Жената била свесна дека лажела, дека кога говорела дека тоа е спротивно на нашиот Устав, меѓународното право, тоа никако сепак не го загрозува националниот идентитет. И тоа е исто за целата пропаганда на ВМРО“, рече Филипче.
Воедно, Филипче потсети и на членот 7 од Преспанскиот договор, кој, како што рече, јасно го признава постоењето на македонскиот народ, култура, јазик и историја.
„Таму има и член 7 кој вели дека овде има народ со своја култура, јазик и историја. Значи не е загрозен народот, културата и историјата“, нагласи тој.
Тој додаде дека највисоките државни функционери на Владата на ВМРО применуваат двојни стандарди пред меѓународната и домашната јавност.
„Луѓето свесно лажат. Тогаш не би говореле пред странците дека договорите се добри. Еве сега признаа дека сето тоа било една црна кампања дека сме ние предавници, дека Преспанскиот договор го загрозува народот, идентитетот и јазикот, а не е тоа вистината“, рече Филипче.
Во интервјуто, Филипче нагласи дека СДСМ секогаш бил конзистетен во ставовите и политиките, особено во однос на европскиот пат, додавајќи дека единствениот начин за напредок на земјата и подобра иднина за сите граѓани, е членството во Европската Унија.
„Ние сме конзистентни во нашите политики, без разлика дали сме во опозиција или на власт. Нема друг пат за оваа држава, освен европскиот пат. Нема друга иднина, освен европската, за државата. Но, оваа пропаганда која власта ја имплементираше и за време на опозициските години и сега продолжува, постепено се распаѓа“, рече Филипче.
Сите земји членки во ЕУ и Бугарија потпишаа договор на македонски јазик, тоа е успех на СДСМ
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 нагласи дека признавањето на македонскиот јазик од страна на сите земји членки на Европската Унија, вклучително и од Бугарија, е потврдено со тоа што потпишаа договор на македонски јазик и тоа е значаен дипломатски успех на СДСМ.
„Ние не преговараме да влеземе во Бугарија, ние преговараме да влеземе во Европска Унија. Било која земја може да каже било што,но тој проблем веќе е надминат. Еве на кој начин, на начин на кој сите земји членки на ЕУ, вклучувајќи и Бугарија, на страна нивната еднострана изјава, потпишале договор на македонски јазик. Значи, сите земји ќе имаат договор на македонски јазик, а тоа значи дека сме нашле решение“, рече Филипче.
Во однос на тврдењата на ВМРО дека македонскиот идентитет и јазик би биле загрозени во текот на преговорите со ЕУ, Филипче нагласи дека преговарачката рамка јасно го признава македонскиот јазик.
„Во 2022 година, кога бугарскиот парламент гласа за нашата преговарачка рамка, исто како што гласаат и ја поддржуваат сите други земји членки на Европската Унија, таму конечно пишува дека нашиот јазик е признаен како македонски јазик. Чист македонски јазик. Не како што беше претходно, македонски јазик како што е во Уставот, тој додаток се трга. Чист македонски јазик. И сите земји членки така ја гласаат преговарачката рамка“, рече Филипче.
Во тој контекст, Филипче нагласи дека внесувањето на малцинствата во Уставот не претставува ризик за македонскиот идентитет каков што сака Мицкоски и неговата влада да го претстават, туку отвора можности за економски и институционален развој на државата.
„Ставањето на малцинствата во Уставот е влегување во процес кој што на Македонија ќе ѝ донесе пари за инфраструктура, за плати, да се зајакнат патишта, пруги, болници, градинки, училишта и така натаму. Поголеми плати и пензии, повеќе можности за младите тука да работат. Гледајте ги стартапите во Хрватска, од некои стотици илјади евра, после влегувањето во ЕУ, милијарди евра вредност нивните стартап компании станаа“, рече Филипче.
Тој додаде дека европскиот процес значи и воспоставување европски стандарди во правосудството и институциите, нешто што на Владата на ВМРО не и одговара.
„Ова е влез во процес во којшто тука треба да има европска правда. Ете ги работите кои што оваа власт не ги сака“, рече Филипче.
Внесувањето на малцинствата во Уставот не го загрозува македонскиот идентитет, тоа е уште една лага
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во гостување во емисијата 360 степени на МРТВ, рече дека внесувањето на малцинствата во Уставот не го загрозува македонскиот идентитет и дека, тоа е уште дена лага на ВМРО, како што лажеа и за Преспанскиот договор.
„Луѓето поверуваа дека ставањето на Бугарите и на другите малцинства во Уставот ќе го загрози нашиот народ. Не само што нема да го загрози, туку ќе го зајакне нашиот идентитет. Конечно се прави јасна дистинкција помеѓу македонскиот народ и бугарското малцинство. Тоа што е францускиот предлог и целокупниот пакет документи ја потврдуваат нашата идентитетска посебност. Кога ќе ги додадете и Бугарите во Уставот, правејќи јасна дистинкција меѓу македонскиот народ и бугарското малцинство, а притоа веќе е потврден македонскиот јазик, тогаш дефинитивно се потврдува нашиот идентитет“, посочи Филипче.
Претседателот Филипче додаде дека македонскиот јазик е веќе меѓународно потврден и дека државата не преговара за својот идентитет, туку за членство во Европската Унија.
„Ние не преговараме да влеземе во Бугарија, туку во Европската Унија. Со договорот Фронтекс, потпишан и од Бугарија, македонскиот јазик е признаен како чист македонски јазик, од сите“, рече Филипче.
Трендовите се јасни ВМРО губи гласови а СДСМ расте
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, посочи дека трендовите на политичката сцена се јасни и дека ВМРО ја губи поддршка кај граѓаните, додека СДСМ бележи постепен раст.
„Огромен пад има во ВМРО, 150.000-160.000 гласови изгубија за една година, а ние постепено растеме и трендовите продолжуваат“, рече Филипче.
Во интервјуто Филипче потенцираше дека вистинскиот пулс на граѓаните не се мери преку платени анкети, туку преку директна комуникација со луѓето кои секојдневно се соочуваат со економски проблеми и неизвесност.
„Пулсот на граѓаните може да го опипаат кога ќе идат кај земјоделците, како што одеме ние секој ден, каде што луѓето плачат и немаат субвенции, каде што не можат да си купат да го прехранат семејството“, рече Филипче.
Тој додаде дека незадоволство има кај сите граѓани, и кај работниците и пензионерите, кои се оставени без вистинска поддршка од владата во сред криза.
„Пулсот се мери кога луѓето го отвораат фрижидерот кој што е сè попразен. Кај работниците кои што немаат зголемување на минималната плата, во директен разговор со нив и со синдикатите и на протестите кои што синдикатите автентично ги организираа“, истакна Филипче.
Притоа, Филипче укажа дека Владата на ВМРО е далеку од тоа да има здрави политики и укажа дека економската состојба дополнително се влошува поради растот на јавниот долг.
„Оваа влада е далеку од тоа да има здрави политики. Тоа да се разбереме. И претходно, еве и сега кажувам дека аргументите за избори се тоа што нема пари во буџетот. Задолжувањето, јавниот долг е пораснат за две милијарди евра од 2024 година, досега“, рече Филипче.
Скандал од невидени размери е Мицкоски да му дава насоки на обвинителот
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, нагласи дека изјавите на премиерот Мицкоски за комуникацијата со обвинителот Савески претставуваат сериозен скандал и директен удар врз независноста на правосудниот систем.
„Не постои поскандалозна изјава во историјата на правосудството од тоа што прво Христијан Мицкоски кажуваше дека има чувство за едно, друго или трето и на тој начин му даваше насоки за работа на обвинителот Савески, за сега да го потврди неговиот став и пристап, да каже дека се слушнал со обвинителот, што е скандал од невидени размери“, рече Филипче.
Тој потенцираше дека вакво однесување е незамисливо во демократски и европски држави во кои постои независно судство.
„Ова во развиена европска земја каде што функционира судството и демократијата, го нема. Не постои земја“, рече Филипче.
Во интервјуто, Филипче посочи дека по ваквите изјави на Мицкоски, неизбежно се руши кредибилитетот на обинителот и се отвораат сомнежи за независноста на обвинителството .
„Каде е сега кредибилитетот на обвинителот Савески? А за кредибилитетот на Мицкоски веќе знаеме дека го нема, затоа што секој ден лагите ги потврдува, односно му се разобличуваат“, изјави Филипче.
Во тој контекст, Филипче нагласи дека по признанието за комуникација меѓу премиерот и обвинителот, јавноста со право ќе поставува прашања за евентуално политичко влијание врз постапките на обвинителството.
„Дали ако нешто обвинителот направи или не направи, вие како новинар нема да го прашате дали сте се слушнале со премиерот, дали ви се јавил? И дали нема премиерот да го прашате, ако нешто обвинителот направи или не направи, дали му се јавил на обвинителот? И дали тоа не се две легитимни прашања после една таква скандалозна изјава дека тие двајца се слушаат“, рече Филипче.
Притоа, Филипче додаде дека токму поради европските стандарди за владеење на правото, Владата на ВМРО не сака европска интеграција.
„Ова го нема во Европа. Ете затоа не ја сакаат Европа. Затоа што тука кога ќе дојде европското обвинителство и Лаура Ковеши и европските обвинители кои што гледаме како работат во регионот, нема јавување“, порача Филипче.
Пензионерите, работниците и младите се излажани и оставени сами во криза
„Пензионерите, работниците и младите се излажани и оставени сами во криза“, обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во гостување во емисијата 360 степени.
Филипче потенцираше дека за две години власта не покажа резултати што би им го олеснило животот на граѓаните.
„Кажете ми еден сектор, една категорија на граѓани, освен овие во власта, коишто се задоволни од овој тип на владеење. Пензионерите, како се задоволни? Излажани се луѓето. Добиле зголемување? Не е точно. Не добија соодветно зголемување. Добија два пати линеарно зголемување по две и пол илјади денари, за потоа да им се скратат следните пари. Сега зголемувањето, кое е прашање дали ќе го добијат, треба да биде само илјада денари“, рече Филипче.
Тој посочи дека, според моделот на СДСМ, најниската категорија пензионери требало да добие околу 1.500 денари, а највисоката околу 3.000 денари.
„Украдени им се парите затоа што ги нема во буџетот. Дупката во пензискиот фонд порасна од триесетина на 50 проценти“, истакна Филипче.
Филипче обвини и дека власта предводена од ВМРО нема слух за граѓаните, кои се оставени сами да се справуваат со кризата.
„Работниците и младите се излажани и оставени сами во криза. Земјата ја држат во изолација и продолжуваат со црната пропаганда, додека нивниот фокус се тендерите. Странските инвестиции се намалени за две третини. Луѓе затвораат фабрики, а над илјада луѓе останаа на улица. Тоа го покриваат со пропаганда и не им дозволуваат на луѓето да го кажат својот револт. Кризата удри, а тие не понудија никаква мерка, никаков пакет за помош. Како мислат овие луѓе? Дали вака се води држава? За студенти, за пензионери?“, обвини претседателот на СДСМ, Ванко Филипче.
Прегледувам пациенти секој ден, а еднаш неделно влегувам во операциона сала
Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ, претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, откри дека и покрај политичките обврски, секојдневно работи со пациенти, а еднаш неделно влегува и во операциона сала. Филипче посочи дека никогаш не ја напуштил својата професија како неврохирург, а воедно нагласи дека како професор е активно вклучен и во наставниот процес на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” , каде што држи предавања и испити за студентите.
„Прегледувам пациенти секој ден, прават доаѓаат луѓе за консултација, мислења, а еднаш неделно влегувам во операциона сала. Држам и предавање и испити. Јас предавам васкуларна, неврохирургија, траума и сега функционална.Ние имаме еден специфичен начин, поделени се студентите од петта година во повеќе групи, точно се знае во семестарот кога се предавањата“, изјави Филипче.
Говорејќи за предизвиците во медицината и политиката, Филипче нагласи дека и двете професии ги обединува желбата да им се помогне на луѓето.
„Предизвикот е на двете места еднаков. Во едната ситуација се спасуваат животите и веднаш се видливи резултатите. Во другата ситуација, во политичкиот живот, резултатите доаѓаат малку подоцна. Меѓутоа, што ги обединува двете работи? Желбата и волјата да им се помогне на луѓето. И сметам дека политиката дава дополнителни инструменти преку имплементирање и креирање на политики, да повеќе луѓе видат бенефит, повеќе луѓе конечно живеат подобро и во држава како што замислувале со децении наназад“, изјави Филипче.
Во интервјуто, Филипче нагласи дека и покрај честите коментари дека има „златна професија“, тој никогаш не ја напуштил неврохирургијата и верува дека политиката може да биде чесна професија.
„Јас не сум ја напуштил мојата професија. Јас неврохирургијата не сум ја напуштил. Јас не би рекол дека политиката е лоша професија. Лоша е перцепцијата поради лошите практики кои што се имплементираат на пример сега. И да бидам целосно фер, со години наназад и тоа е мојот предизвик. Конечно да се сменат работите. Да знаат луѓето дека и политиката може да е чесна професија, да се работи за доброто на луѓето, а не за сопствен бенефит“, порача Филипче.




