НоваТВ ги покани на интервјуа, кандидатите за градоначалници на скопските општини и Градот Скопје, од сите поголеми партии и независни листи. Оние што досега одговорија позитивно на нашата покана, интервјуата ги емитуваме по редослед на одговарање.
Скопје за 4 години ќе биде побогато за 2 нови моста и за најголема пешачка зона во Европа сместена во центарот на градот.Не знам дали Скопје може без мене но јас никогаш не сум можел без Скопје, вели актуелниот градоначалник на македонската метропола и кандидат за втор мандат, Петре Шилегов. Во интервјуто за НоваТВ, Шилегов говори за реализираните и за малкуте, како што вели, нереализирани проекти, како што е селењето на градската администрација во нов објект и тунелите под Кале. Шилегов во интервјуто говори и за проектот Скопје 2014
НоваТВ: Шилегов кој беше мотивот за повторно да учествувате во трката за градоначалник на македонската метропола. Скопје не може без Вас, или Вие не можете без Скопје?
Позитивните реакции на граѓаните на сѐ што успеавме да завршивме и сѐ што започнавме за мене претставуваат најголемата потврда дека сме на вистинскиот пат, а тоа од друга страна ми претставува мотив да продолжиме заедно по истиот тој пат. Не знам дали Скопје може без мене, но јас никогаш не сум можел без Скопје. Мојата визија за развојот на Скопје ја претставив пред
граѓаните на изборите пред 4 години. Довербата ја добив заради тоа што таа визија беше значително подобра од останатата понуда. Имам чувство дека во овој дел историјата се повторува што ми дава верба за победа во првиот круг.
НоваТВ: Кампањата пред локалните избори речиси привршува. Дали сметате дека вака срочено на хартија направеното за Скопјани а и реализирано во реалноста, е задоволително портфолио кое ќе знаат да го наградат со тоа што гласот би ви го дале Вам за уште еден мандат и зошто ?
Мерењата на јавното мислење покажуваат дека реализираното е добро прифатено од страна на нашите сограѓани што ми обезбедува серозна предност пред останатите кандидати. Искрено очекувам ваквата поддршка ќе се преточи во гласови кои за мене претставуваат најголемата потврда дека Скопје мора да продолжиме да го развиваме во истата насока, да стане европски,уреден и зелен град на среќни луѓе.
НоваТВ: Ја споменавме кампањата.Како ја оценувате? Имате ли забелешки до останатите кандидати, како никогаш досега интересот за градската фотеља е голем? Имаше ли ad hominem напади или сметате дека се е во рамките на пристојна изборна кампања?
Откако станав градоначалник беа одржани прес конференции на опозицијата кои главно се состојат од клевети и навреди упатени кон мене и кон моите најблиски. Искрено жалам што опозицијата многу повеќе сака да зборува за мене отколку за решенијата кои го подобруваат квалитетот на животот на граѓаните. Изминативе 4 години за жал од опозицијата не слушнавме ниту еден конструктивен предлог кој нуди нешто повеќе за Скопјани од она што веќе се работи, а речи си секојдневно слушаме некакви небулози и измислици кои никому не користат. Кампањата на голем дел од моите противкандидати не е ништо поразлична од периодот кој и претходеше. Една компилација од клевети, навреди, сеење магла и нереални лажни ветувања. Тоа нема да им донесе гласови на изборите, не разбирам како не успеваат тоа да го согледаат.
НоваТВ: На што сте вака, посебно горд изминатите 4 години, и сметате дека е „мотор“ што ќе го повлече расположението на граѓаните на главниот град, за да ви го дадат мандатот повторно Вам?
Успеавме да реализираме многу и да започнеме да решаваме некои стратешки предизвици за градот. Граѓаните веќе го чувствуваат бенефитот од реализираното, а најдоброто допрва доаѓа. Четирите нови булевари (АСНОМ, Босна и Херцеговина, Никола Карев и Христијан Тодоровски Карпош)изградени речи си истовремено се нешто што скопјани последен пат го виделе во годините непосрадно по земјотресот. Двата нови мостови на Вардар, оној на АСНОМ кој е скоро готов и оној на Љубљанска кој неодамна започна да се гради. Клучката кај Момин поток заедно со клучката кај булеварите Словенија и Хасан Приштина ги започнавме на крајот на овој мандат а ќе бидат годови пред крајот на следниот мандат. Враќањето на Дрисла во рацете на градот, заедно со отворањето на ЈП Лајка и АД ГЕС претставуваат огромни стратешки поместувања напред во однос на три клучни предизвици за градот: управувањето со отпадот, проблемот со бездомните кучиња и аерозагадувањето. БРТ системот на брз автобуски превоз за кој склучивме договор со ЕБРД за кредит од 70.000.000 евра, како замена за трамвајот кој повеќе од 40 години го чекавме, го доведовме до точка од која нема враќање. Реконструкција на објектот на Универзална сала во постојниот облик и габарит, реконструкцијата на кејот 13 Ноември и плочникот пред ГТЦ, двата нови зелени покриви (на ГТЦ и на Дом на градежници), започнат трет на Мавровка, 7 нови урбани скверови, 2 пампрак полигони, новата тартан патека, реконструкцијата на мостовите и патеките во Градскиот парк, новите паркови на местата на поранешни депонии (во Мичурин и 11 октомври) и диви паркиралишта (Ибни Пајко), како и генералното рушење на сите рекорди во нови зелени
површини, се проекти со кои сите можеме да се гордееме. Убеден сум дека не постои скопјанец кој искрено не им се радува на новиот лик кој го добива нашето сакано Скопје.
НоваТВ: Што е она што можело побрзо и поубаво да се направи а од одредени причини не сте го направиле. Има ли таков проект?
Искрено, останаа нереализирани пар проекти како тунелите под Кале или можеби селењето на градската администрација во нова зграда кои ќе почекаат подобри времиња. Се работи за проекти каде што брзањето и правењето отстапки може да доведе до грешки како автопатот Кичево-
Охрид, кога цела држава трпи штета заради погрешен проект. Скопје немам намера да го вовлекувам во таква авантура, парите на граѓаните мора да се трошат многу внимателно и многу одговорно. Тука нема простор за компромиси и импровизации. Еве на пример, пандемијата ја одложи изградбата на новиот забавен парк на местото на луна паркот, но тоа е нешто што сепак многу брзо ќе се реализира имајќи предвид дека полека излегувамд од ковид кризата која за жал поремети многу планови не само кај нас, туку во целиот свет.
НоваТВ: Скопје 2014 што понатаму или останува како што е?
Споменикот на Ќосето пред судската палата одамна го нема. Не дозволиво беше споменикот на најголемиот егзекутор во нашата историја да има споменик пред палатата на правдата, таму денес расте дрво на човековите права, а верувам дека ќе се согласите дека тоа има многу поубава
симболика. За жал или за среќа, зависно од кој агол гледате, Северна Македонија е правна држава. Иако најголем дел од спомениците се „дивоградби“ сепак за нивното отстранување предвидени се соодветни правни процедури кои подразбираат меѓусебна соработка на Град
Скопје со други институции од локално и национално ниво. Почитувањето на овие правни процедури за жал во овој случај целиот процес на демонтирање на овој криминален проект го прави побавен. Но јас лично не се откажувам. Галиите на кејот на Вардар, на пример, мора да бидат демонтирани заради безбедност и заштита од поплави. Нивното демонтирање е дел од една исклучително бавна судска постапка, но и тоа може да се смени. Чекор по чекор и тоа ќе го реализираме.
НоваТВ:Кои се плановите за следните 4 години. Ветувате многу решенија во делот на инфраструктурата, сообраќајот, јавниот превоз. Може ли да ни претставите некои од нив, кои  од нив ги сметате за фаворити?
Скопје за 4 години од сега ќе биде побогато за 2 нови моста, на Љубљанска и на АСНОМ. Клучката кај Момин Поток заедно со клучката кај бул. Словенија (кој го продолживаме до Ново Село и Волково) и бул. Хасан Приштина е капитален проект каков што не е направен во последните 40 години во нашиот град, исто ќе биде завршена. Со изведбата на булеварите Хрватска и Словенија го затвораме северниот сообраќаен прстен во градот, а со изградбата на
тунелите на бул. Македонија под Лимак и новите кружни текови кај Нова Македонија и кај бул. Кочо Рацин и улиците Антон Панов и Бихачка, го решаваме сообраќајот во Скопје за следните 50 години. Јавниот сообраќаен превоз ќе биде целосно трансформиран со воведување на БРТ системот на брз автобуски превоз, тоа ќе доведе до изградбата на најголемата пешачка зона во
Европа сместена во центарот на градот.
М.Т.