Турската полиција уапси неколку осомничени во врска со бомбашкиот напад во Истанбул во кој загинаа шест лица, а неколку десетици беа ранети, со што бројот на приведени се искачи на 50, соопшти денеска турскиот министер за правда Бекир Боздаг.

Боздаг не соопшти повеќе детали.

Државната агенција Анадолија објави дека полицијата привела двајца браќа идентификувани како Амар Ј. и Ахмед Ј., пренесе Асошиетед Прес.

Анадолја објави дека Амар Ј. наводно имал задача да и помогне на Ахлам Албашир, уапсената Сиријка осомничена за поставување на бомбата, да избега од Истанбул во соседна Грција по нападот, додека Ахмед Ј. наводно го одвезол другиот првоосомничен кој се уште е на слобода, во провинцијата Једрене во близина на границата со Бугарија.

Турските власти ја обвинија за нападот забранетата Работничка партија на Курдистан, како и групите на сириските Курди, кои тоа го негираа.