Педесет и четиригодишниот Иван Огњановски на кого на 23 мај на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија му беше трансплантирано срце, денеска беше на контролен преглед во таа јавна здравствена установа.

„Комплетно сум задоволен од целиот лекарски тим на Клиниката. Тие сега се и мои другари. Постојано се слушаме на телефон и ме прашуваат како сум. Еднаш неделно одам на контрола и примам терапија. Им се заблагодарувам од срце за сè што сторија за мене, и на моето семејство кое ми беше најголемата поддршка да издржам сиот овој период. Повторно ќе го живеам животот со полни гради, затоа што животот е еден, истакна Огњановски и додаде дека одлично се чувствува.

„Насмеан и полн со енергија, утрово Иван беше на контрола на Клиниката за државна кардиохирургија. Тој е во добра здравствена состојба и прв пациент е во земјава на кого му беше трансплантирано срце. Вели дека мора да продолжи да го живее животот, бидејќи животот е еден“, напиша министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил.