Градоначалникот во заминување Стевчо Јакимовски на прес конференцијата во врска со денешната акција на полицијата во  Општина Карпош, рече дека не се работело за изнесување документи, туку дека неговите колеги ги раздвојувале неговите лични работи, од општинските.

-Некој на моите колеги им дојавил дека примопредавањето на функцијата ќе биде денеска во 13 часот и од тие причини тие почнале да пакуваат се она што има во мојот кабинет, неселективно, вклучувајќи пехари, благодарници, пијалок, бидејќи јас таму имам лични предмети, балгодарнци на лично име и нормално дека треба да се одвои што е на Општината што е на лично име како и мои лични документи, слики и се она што претставува лични предмети, лични подароци, затоа што овде сум бил 8,5 години, рече Јакимовски.

Тој рече дека во Општината пристигнале припадници на Алфите кои забраниле влез во општинската зграда, по што пристигнале и инспекторите од стопански криминал кои како што рече, не констатирале ништо незаконско.

Тој обвини дека се работи за „уште еден голем блам на СДСМ и за нивното непознавање на функционирањето на локалната самоуправа“.

Јакимовски истакна дека сите битни документи за локалната управа се наоѓаат во архивата, а Општина Карпош има електоронска архива.

Рече дека непотребните работи ќе бидат фрлени во контејнерите во близина.

НОВАТВ претходно од извори во Општината објави дека по пријава дека се изнесуваат документи од Општината Карпош и од кабинетот на досегашниот градоначалник, Стевчо Јакимовски полицијата денеска извршила претрес, по што бил направен записник.

Од МВР велат дека се уште работат на случајот.