Во работата како специјален јавен обвинител сум одлучувала исто како што сега одлучува Јавното обвинителство, а замислете држена сум девет месеци во притвор за давање мислење за промена на мерка притвор на Орце Камчев, изјави денеска во судот Катица Јанева, каде сведочи за предметот „Рекет“ во кој е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување.

Таа посочи дека Јавното обвинителство за овој предмет го променило мислењето за притворот на Зоран Милевски, без притоа да се променат ниту една од околностите и тоа не се смета за злоупотреба и пречекорување на овластувањата.

„Од тука сметам дека обвинението за кое повеќе од девет месеци сум држена во притвор е целосно неосновано. Замислете, за мислење кое сум го дала сум држена во притвор“, изјави Јанева.

Јанева: Врховниот суд ги привилегира тие што ги гоневме

Според неа, СЈО не привилегирало никого, туку Врховниот суд ги привилегира сите тие кои ги гонеле, а нив ги направил неовластен тужител.

„Чекам да видам дали една од тие истраги ќе биде завршена. Зошто ЈО влезе во СЈО? – Барем да го земеше предметот „Империја“ и да го анализираше. Да видеше дека Орце Камчев не бил никогаш привилегиран. Зошто сите наредби за вештачење се повлечени? – Што мислеше, а што најде. Не, важно беше што одлуки сум поништила“, изјави Јанева.

Не е точно, рече Јанева дека му го вратила пасошот на Камчев, како што стои во диспозитивот на обвинението. Тврди дека има дадено само мислење за издавање на привремена патна исправа, а судот носи одлука.

„Во моите обвиненија никаде не пишува дека се чека вештачење и потоа се повлекува, туку се почитуваат сите човекови права и постапки“, изјави Јанева.

„За Камчев не паѓавме во несвест како некои“

Нагласи дека никогаш не понудила привилегии на Јордан Камчев и дека целиот случај е монтиран и граден врз основа на еден исказ – на Јордан Камчев.

„Ако судот ги прибавеше доказите за „Империја“, ќе видеше дека никогаш не му била понудена никаква привилегија или својство на заштитен сведок. Ниту паѓавме во несвест за него како некои. Ќе видевте дека тој самиот доаѓа во СЈО и бара да соработува“, изјави Јанева.

Прашана дали примила парични средства за давање мислење за промена на мерката притвор со куќен притвор и враќање на времената патна исправа на Орце Камчев, Јанева рече дека најодговорно тврди оти од никого никогаш не примила пари за давање привилегирана состојба во предметот „Империја“. Истакна дека го дала предметот на Лиле Стефанова и оти таа побарала ПИ мерки за што ја поддржала, а од судијката Димишкова добила дозвола.

„Камчев кога дојде тука рече дека од август знае за ПИ мерки од Васил Димишков, лице кое не го познавам, ниту пак беше повикан тука да даде исказ“, рече Јанева.

Законите биле Библија во нејзината работа

За изборот да биде на чело на Специјалното Јавно Обвинителство рече дека било чест и должност за неа, а Законот за кривична постапка и Законот за СЈО ги опиша како Библија во нејзината работа.

„Библија на мојата работа беше Законот за кривична постапка и Законот за СЈО. Според овие закони работев во изминатите години. Ние имавме многу тешки услови за работа. За сето тоа се изборивме заедно со мојот тим се изборивме да го добиеме, а ни беше одреден буџет од четири милиони евра. Дури 660.000 фајлови ни беа дадени од опозицијата. Бидејќи јавноста беше многу заинтересирана за „бомбите“, се интересираа и за нас. Народот нè подржуваше и со паролата „Нема правда нема мир“. Законите ни беа наша ѕвезда водилка. Дури 35 предмети кои требаше да ги води ОЈО ни беа дадени на нас“, потенцира Јанева.

Според неа, СЈО било производ на неработењето на редовното обвинителство и смета дека СЈО како институција уживала огромна доверба од граѓаните, а ја надминало популарноста и на Чарлиевите ангели.
„Да знаете што се јас знам, сигурно не би била на ова место, додаде екс обвинителката во обраќањето пред Судот.
Фетаи требала да биде нејзина заменичка, но таква одлука не минала на Советот

Поранешната шефица на СЈО Катица Јанева пред судот кажа дека е невина и затоа бара да биде ослободена. Во денешниот исказ во Кривичниот судот, меѓу другото, истакна и дека обвинителката Фатиме Фетаи требала да биде нејзината замена, покрај Елизабета Јосифоска и Ленче Ристовска, но тоа не минало на Советот.

„Обвинителката Фатиме Фетаи требаше да биде моја заменичка. Но, од неразјаснети причини за мене, Советот не донесе таква одлука. Душата ми беше во СЈО, се гордеам на начинот на кој работев и јас и моите помошници обвинители“, порача Јанева.