Во просториите на Општина Центар денеска ќе се одржи јавна презентација на Предлог деталниот урбанистички план (ДУП) за Мал ринг со вкупна опфатена површина од 37,39 хектари.

Во пресрет на денешната презентација, Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) вчера побара од градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и претседателката на општинскиот совет Цветанка Симобовска да го повлечат и преработат предложениот ДУП. Според ААМ, станува збор за објекти и земјиште во државна сопственост и објекти кои во својата срж, во најмала рака се спорни, поради што сметаат дека за ваков предлог план нема потреба од јавна презентација и јавна анкета пред спорните објекти да бидат исфрлени од планот.

Со предложениот план, велат од ААМ, се дава потврда и реафирмација на изградениот, но, како што велат, што е уште пострашно и на неизградениот дел од проектот „Скопје 2014“ од кој ова здружение се огради уште кога беше презентиран и бараше негова институционална ревизија.