Папата е апсолутен монарх во хиерархијата на католичката црква и тој го прави изборот која земја ќе ја посети и одредува кога. Постапката е комплексна и во неа е вклучен Државниот секретаријат на Ватикан што опфаќа посебна секција за односи со државите. Ова е го појаснува Бартоломеј Кајтази, поранешен амбасадор на Македонија во Светата Столица.

„Претпоставувам дека неговите советници утврдиле оти Македонија тргнува по еден пат кој е многу близок до Светата Столица и се однесува на Европската Унија. Тоа многу малку се знае. Европа и проектот ЕУ е многу важен за Светата Столица бидејќи инсистираат и се надеваат дека еден од главните темели на цивилизацијата во Европа се темели на Христијанството“, вели Кајтази.

Тој потсетува дека земјава долго време упатуваше официјални покани до Папата Франциск, но и до претходните поглавари на римокатоличката црква и секоја година македонска црковно-државна делегација престојува во Рим за прославата на „Свети Кирил“ и секогаш била на прием кај Папата. Кајтази верува оти сегашниот поглавар, Франциск, оценил дека е полезно и дека има причина зошто да дојде во Македонија, па затоа и се најави на седми мај во Скопје.