Како да се одврзе политичкиот јазол во Собранието: Клучот е Талат Џафери или Фадил Зендели

Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска која вчера испрати писмо до претседателот на Собранието, Талат Џафери со барање во најскоро време да се изберат нови четворица уставни судии, ја размрда политичката арена во која партиите, повеќе од три месеци ги кријат своите адути во надмудрувањето за политичка доминација на власта и опозицијата.

Собранискиот претседател Талат Џафери тврди дека поради опструирање на работата на Комисијата за избори и именувања, законодавниот дом не може да избере нови уставни судии. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак порачаа дека ако власта има на ум да предлага партиски и политички решенија, како што е самата Кацарска, не треба да очекува да бидат прифатени.

Сепак, во јавноста остана отворено прашањето кој навистина ја блокира работата на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, која како што објаснуваат пратеници со кои разговараше Нова ТВ, останала без претседател, откако нејзиниот прв човек Коста Костадинов, стана градоначалник на Струмица. Не само што оваа Комисија предолго нема претседеател, туку е соочена и со предизвици кои се наметнаа кога стана јасно дека политичката партија Беса ќе делува како опозициска партија, откако Алтернатива на Африм Гаши влезе во власта. Тоа предизвика поместување на соодносот на политичките сили во собраниската комисија за избори и именувања, па очекувањата се дека гласот на пратеникот Фадил Зендели од Беса ќе натежне на политичката вага во корист на опозицијата.

Во опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека ваквите тези се само конструкција на пратениците од владејачкото мнозинство затоа што народните избраници самостојно одлучуваат за кого ќе кренат два прста при именувањата и изборите, настрана што гласањето во Комисијата ќе зависи пред се од квалитетот на кадровските предлози што ќе дојдат пред пратениците.


Фадил Зендели, пратеник од Беса, во изјава за Нова ТВ вели дека не станува збор за никакви опструкции и дека собранискиот претседател Талат Џафери треба да `и одговори на јавноста зошто досега, откако Костадинов, замина на нова политичка функција, нема свикано седница на која би се избрало претседател, како што впрочем пропишува и Деловникот, а би се разговарало и за другите отворени прашања.

– За да опструираме треба да одиме на седници, а ако проверите на собранискиот сајт досега нема свикано седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, за овие проблеми што сега се отвораат, вели пратеникот Зендели.

На нашето прашање каде е клучот на разврската на уште еден политички јазол во Собранието, Зендели смета дека тоа е собранискиот претседател Талат Џафери кој според Деловникот може да свика седница на Комисијата и да се избере претседател.

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, кој е член и на Комисијата за избори и именувања пак, `и порачува на опозицијата да го испочитува принципот дека мнозинство во матичната собраниска комисија треба да има власта. Според Деловникот, во Комисијата се обезбедува соодветна застапеност на пратениците од политичките партии застапени во Собранието.

– Станува збор за класична опструкција на ВМРО-ДПМНЕ и класично додворување на Беса кое се случува во собраниската матична комисија, а кое опозицијата не сака да го решиме на веќе четири координации, вели Мисовски.

Тој објаснува дека ако се оди според деловничките принципи, мнозинството во Комисијата за избори и именувања треба да го има власта, но дека тој сооднос е нарушен, откако Беса најави дека ќе делува како опозициска партија. Мисовски потсетува на изборот на претходниот состав на собраниската Комисија за избори и именувања кога за претседател беше именуван тогашниот пратеник Илија Димовски, но дека сега ако ВМРО-ДПМНЕ сака фер плеј, треба да испочитува политички договор.

ВМРО-ДПМНЕ порано инсистираше да го добие претседателот на оваа комисија, поради тоа што имале најголем број на освоени пратенички мандати. Претходно на инсистирање на ВМРО ДПМНЕ тие добија 6 члена во оваа Комисија, СДСМ 5 и по еден ДУИ и Беса.

Пратеничката Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ, забележува што пратениците од владејачкото мнозинство прејудицираат како ќе гласа пратеникот од Беса. Таа, за Нова ТВ, истакнува дека, квалитетот на предлозите, ќе биде клучен при изборот во Комисијата. Стојаноска смета дека проблемот може многу брзо да се реши, ако се предлагаат компетентни и стручни луѓе, наместо партиски војници и потсетува дека ВМРО-ДПМНЕ, во многу наврати претходно, поддржала квалитетни решенија.

Во писмото до Џафери, Кацарска предупреди дека Уставниот суд отежнато функционира во последниот период со само петмина судии, иако Уставот предвидува полниот состав на Судот да биде со девет судии. Ваквата состојба, како што наведе Кацарска, има влијание при одлучувањето и често се случува предлогот да не го добие потребното мнозинство, поради што во моментот за 16 предмети не може да се донесе одлука поради недоволно мнозинство.

– Покрај ова, морам да напоменам дека пред Судот треба да се разгледуваат предмети кои се од врвен интерес за државата, а за кои е потребно да се одлучува во полн состав со што одлуките би имале поголема тежина, вели Кацарска во писмото до Џафери, барајќи од него лично да го заложи својот авторитет како претседател на Собранието да бидат избрани нови уставни судии со што би се зачувала функционалноста на Уставниот суд.

На ваквото барање на Кацарска, Џафери одговори дека поради тоа што се опструира работата на Комисијата за избори и именувања, во моментов Собранието не може да избере уставни судии и да овозможи непречено функционирање на Уставниот суд.

– Собранието, согласно своите уставни надлежности е информирано за истекот на мандатот на уставните судии, односно Собранието, по предлог на Комисијата за избори и именувања избира уставни судии од редот на истакнати правници во Република Северна Македонија. Имајќи предвид дека се опструира работата на Комисијата за избори и именувања (преку изигрување на процедура и примена на методи кои што Претседателот на Собранието ги има елаборирано пред јавноста), предлозите на членовите на Комисијата не може да добијат зелено светло за истите да бидат разгледани на пленарна седница на Собранието и во моментов Собранието не може да избере уставни судии и да овозможи непречено функционирање на Уставниот суд, одговори Џафери.

Уставниот судот сега  работи само со петмина судии, откако во јули минатата година им истекоа деветгодишните мандати на уставните судии Елена Гошева, Никола Ивановски и Сали Мурати, а на 14 јануари годинава и на Јован Јосифовски. До крајот на 2022 година истекува мандатот и на судијката Вангелина Маркудова и ако дотогаш не бидат избрани нови уставни судии, Уставниот суд нема да може да работи.

Тоа што нема избрано нови уставни судии повлекува одложување на расправите. Засега има застој во одлучувањето за  11 предмети меѓу кои и за законите за Јавното обвинителство, за високото образование и за додатоците на пратениците, како и за Деловникот за работата на Владата.

Стојанка Митреска