Пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА

 

Не може да се ископира револуција така што таа суштински да биде револуција, затоа што не може сосила да се повтори структурата на настаните, ниту општествената клима во која вистинската револуција се родила и реализирала. Шарената револуција почна со студентите, затоа што Законот за високо образование од 2015-та за нив беше една страшна бездна во која тие би изгубиле години, диплома, интегритет… Тој закон им овозможуваше на сите структури над нив (а сите структури му реферираа на диктаторот), па и над нивните професори, да ги поместуваат целите (shifting the goalposts) нелегитимно, насреде процес, на нивна штета, без никаква врска со образованието, науката, а камоли со стандардот на студентите. Раководствата на универзитетите, особено УКИМ беспомошно му полагаа сметки на диктаторот. На дискусија, преговори за услови на живеење во тие времиња се гледаше како на пренемагање за преку леб – погача. Преговори и за самиот државен испит беа невозможни, а камоли за стандарди на живеење. Тој хорор да не се повтори, ниту било што од тој ужасен закон-незакон од 2015-та. Студентите тогаш се бореа за нормалност, етика, прогресивност, иднина со доблесни вредности и затоа го повлекоа цело општество со себе.

Денес, во далеку подемократска атмосфера, тешко е да има револуција, затоа што културата на договарање, свеста и можностите за договарање (а не на уцена, како тогаш!) се на далеку повисоко ниво. Може само да се направи театар со костуми, носење транспаренти и говори со содржина која во суштина се однесува на тогашните општествени прилики – авторитарноста и стегите пред Шарената револуција. А тие стеги воедно да се претстават како да се тековни, небаре сега е недемократија, а тогаш сме биле во рајска градина на демократијата. Дури и да не сфатат актерите и гледачите дека присуствуваат на претстава, дури и да мислат дека амбиентот во кој транспарентите и говорите ги сместуваат е токму вистината и реалноста, никако не следува дека таа содржина навистина е, или ќе се претвори во вистината и реалноста, затоа што овие две не се определуваат со статистичка дефиниција во смисла: „Колку повеќе нѐ има што пропагираме дека е нешто така-и-така (кој мисли-кој не мисли така-и-така), толку повеќе значи дека тоа е вистината и реалноста“.

Имено, не сме ни минатиот, ни предминатиот век да не знаеме дека етички недоследности и статистички марифети не можат ништо да дефинираат, ниту креираат. Борбата веќе се случи и се воспоставија нови прилики. Има премногу луѓе кои го искусиле контрастот меѓу авторитарност и демократија, неслобода и слобода, за некој да се надева дека црното и белото може да си ги заменат местата. Или да ја игнорира тековната слобода на говор, а да ја искористува за авторитарни цели, на пример.  Ако режисерите се обложуваат со предминатовековна стратегија за создавање квантитет на луѓе со режирано незадоволство, тогаш се шарлатани, и како стручњаци од областа (Апасиев), и како пропагандна машинерија (ВМРО-ДПМНЕ). За режирано незадоволство го подразбирам она кое го претставуваат како неповолна општествена клима, во основа, идеја дека „оние на дното се лишени од општествено влијание“. Затоа, за да ја спроведат во пракса таа пропаганда, сугерираната општа емоција мора да ја поврзат со поконкретно вистинско незадоволство.

Но, конкретните незадоволства се многубројни и разнолики од човек до човек, дури и конкурентствата меѓу луѓето и групите во слободата се доста сложени, што е многу напорно во реализацијата на таа тактика. Најкрупна компактна единица на која евентуално може да се надеваат е дел од група од некоја професија или дел од група со посебен општествен статус, што е сè уште доста напорно.

Режисериве всушност им ветуваат влијание на секакви делови од групи, моментално на студенти во студентски домови (веројатно само на поединци), но не можат ни конкретно да ги „од-лишат“ од проблемот, затоа што немаат ресурси и мандат да го сторат тоа, односно немаат никаква позиција во никакви преговари. Односно, ВМРО-ДПМНЕ и Левица за проблемот на студентите самите си измислија позиција на дрвени адвокати. Сѐ што им остана е да склопат наопачки пароли (во име на студентите!), за ефект на претставување општа неправедна општествена клима.

Што е со обратноста на паролите? Тврдам дека студент со автентични барања, од која било насока, од кој било факултет, не се изразува вака: „Колапс на образованието е колапс на државата“ или „Без образование, нема држава“ или „Не јадеме толку…“ (нема да повторувам безобразие кон личност). Барањата беа многу конкретни: Продолжување на субвенционирањето на студентскиот оброк и проширување на групата која ги користи поволностите. Какви црни колапси, какви не јадења!

Студентите, како општествена група, не се идиоти да не сфаќаат за што и со кого се преговара за своите потреби и си гледаат дека работите се такви што демократски им е овозможено да си бидат застапници, претприемачи за себе, дека имаат можност да бидат страна на преговори со конкретни и автентични барања. И да добијат. Постигнаа договор со Владата самите, без посредништво. ВМРО-ДПМНЕ и Левица се обидоа да ги декапацитираат студентите како страна и да се наметнат себеси како група за преговарање со Владата. Не им успеа, па во Собранието гласаа против студентските барања. Себеси се обидуваат да се оправдаат – како инаку – освен преку shifting goalposts тактика, за сумата на субвенцијата, надвор од договорот на двете страни (кај што не им беше дадено да бидат страна). Односно вложија последен напор на инјектирање на недобра волја во веќе постигнат договор со неповикани амандмани. Дрвени адвокати и киднапери на добра волја на договори – до крај. Во недобронамерноста се и доволно некултурни да се претстават како залагачи на уште поголемо добро за студентите. Но, дека не ја поддржуваат насоката на помагање на студентите се виде на гласањето. Најпосле, и дете знае дека добрата волја е таа што го прави договорот валиден. Се знае дека губење на добра волја од било која страна, го инвалидизира договорот. Секако, ниту упаѓањето на средбата меѓу Владата и студентите, нив, ВМРО ДПМНЕ и Левица, не ги направи страна. Всушност, поголема победа на студентите е што не дозволија барањата да им бидат киднапирани.

Резимирано, стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ и Левица е да идентификуваат групи со конкретно незадоволство или да им креираат незадоволство, да ги поттикнат на протест, па да им го киднапираат движењето. Доколку групата е слаба (а овие две партии ќе направат сѐ за да е најслаба можно), таа ќе им препушти општ црн наратив, заборавање на конкретните автентични барања и така ќе им овозможи столче на овие партии за преговори со Владата за нивните партиски желби. Од групата се родил нов апаратчик на ВМРО-ДПМНЕ (или Левица), кој си ја комерцијализирал својата неверност кон старата група, несвесен дека добил само кратко јаженце, како куче кое ќе биде натепано ако и само навести неверност на новите газди.

Некој ќе рече, како не се распаднуваат под таков авторитарен товар толку луѓе, но меѓусебните конкурентности се поттурнуваат привремено настрана за ништо да не направи повеќе компактност од одмазда што немаат слобода – повисоките ешалони слобода за неказниво дивјаштво во власт, а пониските, автентична мразачка одмазда – „да им умре козата на комшиите”, сите да се врзани како нив. Компензациите се бонус, за да не си се сметаат самите и меѓу себе за идиоти.

Роварат без престан во сите институции и, еве, меѓу студенти, меѓу професори, но и ректори, особено кај еден ректор. Некои професори, всушност, и го идентификуваа тоа. Да видиме дали имаат смелост да ја враќаат 2015-та.

Извор: Фронтлајн