Помилувањето како казнено – правен институт во контекст на ресторативната правда е неопходнo, ако се имаат предвид последиците кои ги предизвикува самoтo по себе, како за сторителите на кривичните дела, општеството во целина, така и за жртвите на кривичните дела, но не смее овој акт на милост да се претвори во опасна игра која може да поттикне меѓуетничка и политичка нетолеранција и омраза.  

Фамозниот предлог список за помилување затвореници со кој цел ден денеска си играат пинг понг Министерството за правда, Комисијата за помилување и кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, како фитил ја запали јавноста, но и политичките партии Алтернатива, новиот коалициски парнер на власта и опозициската Алијанса за Албанците. Партијата на Зијадин Села во знак на револт го обои со крв црвена боја прагот на ресорот што го води министерот Бојан Маричиќ за да го симболизира загинувањето на малиот Алмир Алиу, затоа што на  листата на предложени за помилување се најде и Бобан Илиќ, осуден за убиството на четиригодишното момче во Куманово.

Кој ја запали искрата која може да предизвика голем пожар во меѓуетничките односи, како што предупреди партијата на Африм Гаши, во стокмената нова влада, но и кај јавноста која се крена пред се поради загрозувањето на човековите права на семејствата на жртвите, но и на осудениците кои од нигде никаде се најдоа на листа за помилување, а која за кратко се претвори во тапет на осуда и сомнежи? Ова прашање останува нејасно за граѓаните, а мора да добие одговор за да се лоцира одговорноста на тие што, како од шега си поиграа со болката и судбината на засегнатите.   

На ова прашање на Нова ТВ претседателката на Комисијата за помилување Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права вели дека надлежната Комисија ниту одржала седница, ниту разгледувала материјали во врска со помилувањата на осуденици пред Нова година.

– Не сме имале седница на Комисијата за помилување, ниту знам кој и како лиферува такви информации.Тоа е крајно непрофесионално, седниците вообичаено ги одржуваме пред Нова година, но факт е дека седница немало – вели Пировска.

На прашањето на Нова ТВ да го коментира контроверзниот список, во контекст на прекршување на човековите права, со оглед на тоа што иницијативата за помилување претпладнево беше повлечена од Министерството за правда, Пировска вели дека не знае ни дали навистина на тој список се наоѓаат споменатите осуденици за помилување.

На неофицијалната листа за помилување се најдоа 48 имиња на осуденици. Помеѓу нив, се спомнуваат и имињата на бизнисменот Сеат Кочан, на сведокот за „27 април“, Александар Василевски-Нинџа, како и на Бобан Илиќ, осудениот за смртта на четиригодишниот Алмир.

Министерството за правда потврди дека ќе има дополнителни консултации и повторни проверки на имињата кои ќе бидат предложени за помилување до претседателот Пендаровски. Министерот Маричиќ вели дека дел од имињата воопшто не требало да се најдат на списокот. Се огради и заменик министерот за правда Агим Нухиу, но никој од надлежните не објасни кој го стокмил предлогот за помилување и со која цел е лиферуван во јавноста. Ова прашање ни го должат сите инволвирани во овој скандалозен случај на делење милост пред новогодишните празници, не само поради големата црна дамка која е фрлена на помилувањата, како некој да тргува со болката на блиските на жртвите, како е што е случајот со бараното помилување на осуденикот за смртта на момчето од Куманово, така и со правата на осудениците кои можеби и напразно добија надеж дека ќе ги напуштат затворските ќелии.  

Наводно, затворските управи предложиле делумно или целосно помилување на 48 лица. 

„Листата за групните новогодишни помилувања според формалните критериуми ја прават затворите. Минатата недела таа технички беше проследена до Кабинетот на претседателот на разгледување. Таа листа не е конечнa и не е на предлог на Министерството за правда, објасни на Фејсбук министерот за правда Бојан Маричиќ.

Тој тврди дека откако ја видел листата во петокот почнал процедура за нејзино повлекување, која денеска се формализира.

– Со мој потпис списокот го вратив назад кај затворите на уште едно разгледување, напиша Маричиќ.

Од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски за МИА потврдија дека Комисијата за помилување ќе ја закаже седницата кога ќе пристигне финалниот список од Министерстовото за правда со предлозите за групното помилување. Кога ќе се донесат одлуките јавноста веднаш ќе биде информирана, најавија од кабинетот на Пендаровски.

На списокот за помилување од издржување на дел од затворската казна или за целосно помилување како предлог до претседателот на државата има 48 лица.

Законот за помилување е јасен – не може да се помилуваат лица осудени за кривични дела против изборите и гласањето, кривични дела против половата слобода и половиот морал. Потоа, кривични дела сторени спрема деца и малолетни лица како и кривични дела против здравјето на луѓето. Не може да бидат помилувани ни осуденици за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од членот 215 и кривично дело овозможување на употреба на наркотични дроги од членот 216. Законот забранува помилување и за кривични дела против човечноста и меѓународното право.

Помилувањето како казнено – правен институт во контекст на ресторативната правда е неопходнo ако се имаат предвид последиците кои ги предизвикува самoтo по себе, како за сторителите на кривичните дела, општеството во целина, така  и за жртвите на кривичните дела, но не смее овој акт на милост да се претвори во опасна игра која може да поттикне меѓуетничка и политичка нетолеранција и омраза.

Стојанка Митреска