„Дојдов, видов, победив“. Вака накратко може да се опише премиерното учество на Доминика Цибулкова (27) на завршните Мастерси во сезоната. До викендот беше прва словачка тенисерка што заиграла во гренслем финале (Австралија опен 2014), по викендот е прв словачки со победа на турнирот што ги обединува само најдобрите осум во една календарска година.
„Имав одличен ритам. Уште додека се загревав се почувствував навистина свежа, одморена и едвај чекав да дојде време да тргнам кон салата и да излезам на терен. Утрото кога станав од спиење си реков „Добро, денеска сакам да победам во два сета“. И направив се така да биде“, открива тенисерката.
За најблиските е Доми, сака животни и по турнири ги носи двата јоркширски териера
Најблиските нагалено ја нарекуваат Доми како што е името и на колекцијата на капи и маички што ја лансира во 2014 година со помош на нејзината пријателка Марион Бартоли, поранешна француска тенисерка. Заштитниот потпис, пак, е „Поме“ што на словачки значи исто што и англиското „Let’s go“ или „Come on“. Во тениските кругови е позната како „џебната ракета“ поради нејзината висина и експлозивност.
Цибулкова е голем љубител на домашни миленичиња. Нејзина особена слабост се кучињата. Има два јоркширски териера што се честа придружба при настапите на ВТА турот. Од јули оваа година е во брак со долгогодишното момче Михал (Миша) Навара. Во слободното време сака да ужива во сите задоволства, моменти и можности што ги нуди животот и времето во отсуство на професионални активности. Кога ги има и не е спречена да одговори од, на пример, здравствени причини, тие се наоѓаат на прво место на листата на приоритети.
Поради Вимблдон ја помести венчавката
Поради настапот на Вимблдон оваа година ја одложи и венчавката. Првично закажаниот датум мораше да претрпи корекција поради, и за неа, неочекувано долгото присуство на англискиот гренслем. Обожува да патува, да се забавува, да планинари. Често практикува да организира журки во Братислава по освојување на вреден скалп на тениските терени или по турнирска победа.
Нејзина омилена дестинација за одмор и релаксација се Малдивите што често ги посетуваше во минатото додека беше во љубовна врска со австрискиот тенисер Јирген Мелцер, сегашен сопруг на Ивета Бенесова. Но, тој не е единствен член на АТП турот со кого се забавувала. Пред осум години беше во врска и со Французинот Гаел Монфис со кого знаеше и да настапи во конкуренција на мешани двојки.
Во февруари во 2015 година се соочи со непријатна повреда на Ахиловата тетива на левата нога. Мора да операција што значеше пропуштање на северно-американската турнеја и целата сезона на земјена подлога. Ако дотогаш важеше за тенисерка со непостојана форма и тенисерка која може да победи секого, но и да загуби од секого, сега осцилациите во нејзината игра се драстично намалени и заменети со забележителна константност што се одразува на игрите и на резултатите и на рејтинг ако сакате. Дел е од топ 10 на ВТА листата на која оваа година ќе финишира како шеста во светот.
Ја опишуваат како „закана за сите“ или „нагазна мина“
Стив Тигнор во 2014 година на интернет страница www.tennis.com ја нарече Цибулкова како „закана за сите“ или жаргонски речено „нагазна мина“. Опишувајќи го нејзиниот стил на игра напиша дека сите може да извлечат нешто од словачката тенисерка. Или барем една до две работи што би биле корисни за сите.
Во прв ред тој ги издвои агресивноста, говорот на телото што ослободува позитива енергија, темпераментот и тоа што не губи време меѓу поени за концентрација на себеси или нарушување на ритам на противникот со бришење со пешкир, местење на жиците на рекетот, итн.
Цибулкова што остава впечаток на тенисерка со многу енергија. Негува агресивен стил на игра во чија основа се брзина и сила. Препознатлива е по фантастично владеење на рекетот што ѝ овозможува длабоки удари при употтребата на форхенд и испраќање силни бекхенди. Излезите на мрежа се честа пракса во нејзините настапи пришто поените ги завршува со волеи. Агресивниот пристап кон топчето е причина за атрактивни и неодбранливи поени во ситуација на долга размена на удари, но знае да биде прчина и за неизнудени грешки.
Страшно подвижна низ полето
Таа едноставно не губи време додека е на терен. Со завршување на поен, таа вееднаш се фокусира на наредниот. Притоа умешно користи дел од сопствениот скриен арсенал на оружја за внесување немир и нервоза кај ривалките. Кога при сервис го прави тоа силно, а како адут користи скок и добро минува. Кога се брани, чека прилика за контранапад на вториот сервис што обично го изведува со брз форхенд и удира ритерни чекајќи го топчето да отскокне до највисоката точка по одбивање од подлогата. Нејзината височина и атлетско тело ја прават страшно подвижна на теренот што ѝ овозможува да трча насекаде низ полето водена од помислата „за мене нема загубена топка“.
Таа беше и во Сингапур. На завршниот турнир пристигна како осма носителка, најслабо рангирана од сите. Ги загуби првите два меча и кога никој не очекуваше ништо, таа „експлодира“. Го доби последниот во групата, во прилог и одеше и резултатот од вториот дуел и успеа да се протне во полуфинале. И во таа фаза беше „отпишана“ и според неубедливиот настап во групната фаза, но и поради убедливот на Кузнецова. Но, успеа и преку неа до финале, а преку Кербер и до тронот. Цибулкова надоаѓа како плима. Можеби 2017 година ќе биде уште подобра година за неа од оваа што изминува.