Предводниците на Шарената Револуција, наречени „командосите“ денеска беа одликувани со ордени за заслуги пред граѓаните. Медалите кои им беа врачени пред завршетокот на протестот пред Собранието се дело на дизајнерката Дафина Џепароска во знак на признание за момците што земаат најактивно учество на протестите. Одликуваните осум недели учествуваат во Шарената револуција низ Скопје, а дел од нив беа главни обучувачи на демонстрантите како да управуваат со чаталот за бојадисување.
Дел од нив пак, беа повикани на информативни разговори во МВР, но и тоа не ги спречи да продолжат да ја предводат Шарената револуција.
Граѓаните обединети под Шарената револуција веќе осум недели преку протести бараат повлекување на целосната одлука за аболиција и оставка на Иванов, формирање на специјално одделение на Кривичниот суд за предметите на Специјалното јавно обвинителство, оставка на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, како и итно ослободување на притворените демонстранти. Дел од барањата се и вклучување на граѓанското општество во решавање на кризата и формирање на преодна влада.
Се до исполнување на овие барања, тие најавуваат дека нема повлекување од улица, а освен бојадисувањето на објекти најавени се и други форми на притисок кон власта.