Пишува Ана Василевска
Понекогаш градот има потреба од некој што ќе го погледне поинаку. Не низ перспективата на неговите улици, фасади и функционални објекти, туку низ она што би можел да стане ако во него се внесе малку повеќе имагинација, боја и слобода. На паркингот кај ФИНКИ и Машинскиот факултет во Карпош, четири објекти веќе не се само дел од секојдневната урбана инфраструктура. Тие се претворија во едно големо, разиграно, понекогаш хаотично, но пред сè живо уметничко платно. „ПОТАМУ, СОНОТ…“ е новото поглавје од платформата „Еволуција на сонот“, кое повторно нè потсетува дека уметноста не мора да чека покана од галериските простори. Таа може да нè пресретне на улица, на пат кон факултет, додека го бараме автомобилот или едноставно додека минуваме низ градот.
Она што прво го привлекува погледот е мноштвото. Лица, очи, тела, раце, круни, цвеќиња, геометриски форми, детски цртежи, графички знаци и апстрактни површини се судираат, се преклопуваат и се надоврзуваат едни на други. Нема едно лице што ја презема целата приказна, нема единствена перспектива од која треба да се чита делото. Секој фрагмент како да си ја бара сопствената слобода, но истовремено е дел од нешто поголемо. Токму во тоа ја препознавам една од најинтересните вредности на оваа интервенција: сликата на заедницата не е претставена како идеализирана целина во која сите се исти и хармонично се вклопуваат, туку како простор на различности, судири, несогласувања, игра и коегзистенција.
На големата фасада фигурите се речиси една до друга, без потреба од строга граница меѓу нив. Линијата на едно лице станува продолжение на друго, формата преминува во нова форма, а индивидуалното постојано се соочува со присуството на другиот. Во таа визуелна гужва има нешто многу човечко. Можеби затоа муралот не го доживувам само како слика на ѕид, туку како еден вид колективен портрет на просторот и луѓето што го населуваат.
Особено ми се интересни очите што постојано се појавуваат низ композицијата. Некогаш се човечки, некогаш речиси тотемски, а понекогаш се сведени на едноставен графички знак. Но нивното повторување создава едно необично чувство: додека ние ги набљудуваме муралите, имаме впечаток дека и тие нè набљудуваат нас. Објектите добиваат лица, погледи и тела. Архитектурата престанува да биде нем сведок на секојдневното минување и станува нешто што има сопствен карактер. И тука е една од најголемите предности на ова дело. Калина Брајковска не ја користи фасадата само како подлога за сликање, туку влегува во нејзината структура и ги прифаќа нејзините неправилности како дел од сопствениот уметнички јазик.
Аглите, прозорците, олуците, премините меѓу објектите и различните фасадни површини не се пречки што треба да се заобиколат. Тие стануваат дел од композицијата. Муралот се продолжува низ архитектурата, се менува со неа и ја користи како сопствено тело. Затоа ова дело не би можело едноставно да се пренесе на некоја друга локација. Неговата смисла произлегува токму од средбата со конкретниот простор. Кога уметноста успева да ја преземе архитектурата, наместо само да ја покрие, тогаш јавната интервенција добива вистинска просторна димензија.
Но, она што му дава дополнителна енергија на „ПОТАМУ, СОНОТ…“ е видливоста на самиот процес. Површините не се стерилно обработени, линиите не се секогаш правилни, боите се прелеваат, се преклопуваат, на места се распрснати, а некои делови изгледаат речиси недовршено. Во тоа има одредена суровост и непосредност што не би сакала да се изгуби. Напротив, токму тие траги го прават делото човечко. Се чувствува движењето на раката, брзината на потегот, спрејот, четката, импулсот, па дури и грешката што станала дел од конечниот резултат. Како да не гледаме само завршена слика, туку и нешто од нејзиниот живот пред да стане она што денес го гледаме.
Мене, сепак, најмногу ме интригира начинот на кој во оваа визуелна приказна се среќаваат авторскиот ракопис на уметницата и детскиот израз. Во делото постои препознатлива ликовна дисциплина, контрола на линијата, ритам на формите, намерни деформации, црни контури и смели односи меѓу комплементарните и флуоресцентните бои. Но, во истите тие композиции се појавуваат детски цртежи, отпечатоци од раце, цвеќиња, лица и мали слики вметнати во поголемите фигури. Особено се впечатливи оние тела во кои се сместени други цртежи, како секој од нив да носи во себе по еден мал, туѓ свет.
Тоа е многу повеќе од вообичаеното учество на деца во еден уметнички проект. Нивниот израз не е оставен настрана како симболичен придонес, ниту е додаден само за да се означи инклузивноста на процесот. Тој станува составен дел од самата иконографија. Авторскиот ракопис на Брајковска прави простор за други раце, други погледи и други идеи. Така, едно од најважните прашања во современата уметност – кому му припаѓа делото и кој има право да учествува во неговото создавање – добива многу непосреден одговор. Уметноста не е само нешто што некој го создава за другите да го набљудуваат. Таа може да биде и простор во кој другите ќе се препознаат.
И круните што се повторуваат низ композицијата ми се интересни токму поради нивната двосмисленост. Не ги доживувам како класичен симбол на моќ или надмоќ, туку како некаква иронична титула што секоја фигура си ја доделува сама на себе. Секој лик е крал на сопствениот мал универзум. Лицата се необични, носовите предимензионирани, очите изместени, телата деформирани, а телесните знаци понекогаш намерно директни и провокативни. Нема обид за убавина во нејзината конвенционална смисла. Има гротеска, хумор, детска непосредност, телесност, па и една доза еротска слобода. Токму оваа мешавина го спасува делото од декоративноста и му дава карактер.
Композицијата на големата фасада потсетува на некаков современ фриз, на поворка од ликови што не одат кон конкретна цел, туку постојат во сопствениот ритам. Погледот се движи од око кон лице, од круг кон линија, од црвено кон зелено, од црно кон ново око. Повеќе ја чувствувам како музичка партитура отколку како приказна со почеток и крај. На другата долга фасада, пак, големите црни интервенции внесуваат сосема поинаква атмосфера. Таму има повеќе тежина, прекин и празнина. Црната боја го сопира разиграниот тек и внесува одреден отпор. И добро е што постои тој отпор. Без него, целината можеше да се претвори во премногу весела и декоративна површина. Вака, меѓу бојата и црното, меѓу густината и празнината, се создаваат напнатости што го прават делото повозбудливо.
Сепак, не сите делови имаат иста убедливост. На некои од помалите фасади има толку многу знаци, форми и визуелни информации што окото тешко наоѓа точка на која може да се задржи. Хаосот понекогаш е продуктивен, но на моменти се приближува до обично натрупување. Најсилните сегменти се оние во кои сликата навистина разговара со архитектурата – на аглите, премините, прозорците и различните волумени. Таму делото станува простор, а не само слика нанесена врз површина. Овие нерамномерности, сепак, не ја поништуваат неговата вредност. Напротив, тие се дел од ризикот што го носи секоја интервенција која не сака да остане во безбедните граници на декоративното.
„ПОТАМУ, СОНОТ…“ е четвртото поглавје од платформата „Еволуција на сонот“, која Весела Моловска ја иницира и развива уште од 2016 година. Нејзината приказна започна со една стара семејна куќа и градина во скопско Дебар Маало, непосредно пред нивното уривање. Тогаш просторот стана привремена уметничка лабораторија, место за размислување за меморијата, трансформацијата и минливоста. Во 2018 година платформата ја прошири својата приказна со меѓународна мултидисциплинарна соработка, обединувајќи музичари и визуелни уметници од Македонија, Португалија, Шпанија и Ангола, а третото издание во 2025 година прерасна во тридневен фестивал со музика, перформанси, визуелни и урбани интервенции и активности во кои активно учествуваше локалната заедница.
Зад овој континуитет стои Весела Моловска, културен менаџер, куратор и авторка со повеќе од две децении професионално искуство во Македонија и меѓународен контекст. Нејзиниот интерес за јавната уметност, мултидисциплинарните практики и вклучувањето на заедницата се препознава и во скопската реализација на глобалниот проект „Inside Out“ на францускиот уметник JR, во кој беа обединети 134 македонски уметници и културни работници. Во сите овие проекти се провлекува една иста потреба: уметноста да излезе од сопствените институционални рамки и да се сретне со луѓето таму каде што навистина живеат.
Токму затоа е важен и изборот на оваа локација. Во близина на ФИНКИ и Машинскиот факултет, меѓу студентите, младите луѓе, технологијата и секојдневниот градски ритам, современата уметност добива нова публика, но и нов контекст. Таа не бара посебна пригода, билет или однапред подготвен интерес. Достапна е за секој што ќе помине покрај неа. А можеби токму тоа е една од најубавите работи што може да му се случат на градот: уметноста да престане да биде нешто што го посетуваме и да стане нешто со кое живееме.
„Еволуција на сонот“ со ова поглавје продолжува да ја отвора истата важна тема – како јавниот простор може да стане место на заедничко создавање, сеќавање и препознавање. Проектот „ПОТАМУ, СОНОТ…“ се реализира под покровителство на Општина Карпош, во соработка со ФИНКИ и Машинскиот факултет, но неговата вистинска вредност не е само во четирите трансформирани објекти. Таа е и во идејата дека градот не мора да остане онаков каков што сме го наследиле. Може да се менува, да се преиспитува, да се отвора за нови гласови и да им даде простор на оние што сакаат да го замислат поинаку.
Зашто, можеби „потаму“ никогаш и не било конкретно место. Можеби е само она чувство што нè тера да не се помириме со веќе виденото, да бараме нови форми на изразување и да веруваме дека и најобичниот ѕид може да стане почеток на една поинаква приказна. А сонот? Тој продолжува токму таму каде што некој ќе се осмели да го наслика.








