Мои битолчани, мои сограѓани, јас сум еден од Вас. Човек кој целиот живот го поминав во Битола. 30 години грижејќи се за Вашето здравје како лекар научив да ги сослушам луѓето, да ги согледам нивните проблеми а последните 4 години како советник во Советот на Општина Битола се борев за Битола да биде подобро место за живеење.

За жал, тоа не се случи!

Четири години и јас и Вие се изнаслушавме и видовме како не можe, како не треба, како не се работи и како се гуши во проблеми нашиот град. Затоа овие изминати четири години јасно кажував што е тоа што ни треба. Сега е моментот да ве повикам заедно да го направиме токму тоа што ни треба.

– Да донесеме нови инвестиции во кои ќе се вработуваат битолчани! Да ви помогнеме вам на домашните компании кои сакате да отворите нови бизниси а се мачите со бирократијата!

– Да си дадеме шанса Битола да биде урбан град, да изградиме нови улици и да ја реконструираме запоставената патна инфраструктура!

– Наш приоритет е да ја гасифицираме и топлифицираме Битола! Знам дека тоа е голем чекор за здрава и еколошки чиста Битола, но чекор кој ветувам ќе го направиме.

– На нашите деца им се потребни современи училишта. Ќе ги направиме!

– Нашата Битола има врвни спортисти и посветена спортска публика. Тие заслужуваат Мултифункционален спортски комплекс, за да можеме заедно да спортуваме и навиваме за Битола.

– Да им дадеме шанса на велосипедистите безбедно да возат низ градот, ќе изградиме велосипедски патеки по стандарди. Ќе обезбедиме мобилност за поголем број луѓе и ќе го зачуваме зеленилото во градот.

Јас сум човек, кој кон луѓето приоѓа со почит, уважување и достоинство. За мене рецептот за успех отсекогаш бил едноставен – да се сработи стручно, квалитетно и навремено.

Неселективно и без фаворизирање на поединци. Особено ми е важно, во сите проекти кои се реализираат да бидат вклучени професионалци, луѓе од еснафот помогнати од научната мисла, а не калкуланти кои имаат само една цел а тоа е злоупотреба на општината за реализација на лични профити.

Се кандидирав бидејќи сум убеден, дека Битола може да биде подобра од ова што е денес. Општинската каса ја полниме сите, за да изградиме училишта, градинки, паркови, улици, за Битола да ни биде поубава.

Битолчани, верувам во Вас, знам дека можеме подобро, знам дека знаете како, јас сум овде да ве слушнам и да ви ветам дека ќе работам чесно и посветено, бидејќи тоа сум јас и само така знам и умеам.

Јас не сум сам, со мене е тим на стручни лица, со мене се овие прекрасни млади луѓе идни Советници во Советот на Општина Битола.

Ајде заедно со мене да ја вратиме Битола на граѓаните, да биде град на битолчани а не град-фирма!