Македонската репрезентација за кошаркари до 20 години утре (14,45 ч.) ќе игра против Албанија за 13 место на Европското првенство во Орадеа, Романија. Во плеј-офот за пласман од 13. до 16. позиција, „црвено-жолтите“ ја совладаа Белорусија со 62:58, албанските надежи, пак, беа подобри од Словачка со 74:62.
Белорусите водеа со 11 поени по двете воведни четвртини во средбата (21:13, 15:12), но како пресуден за конечниот исход се покажа третиот период. Македонија заигра цврста одбрана и го доби со 21:6 за целосен пресврт пред завршните десет минути што минаа со резултатски егал (16:16).
Робев со 11 коша и Ефремовски со 10 беа најефикасни во победничкиот тим, противничкиот кошаркар Лиутич беше прво име на паркетот со 15 поени.
Победата над Белорусија беше трета за избраниците на селекторот Мирче Петрески на ЕП во Орадеа. Во групната фаза беа совладани Албанците со 62:54, по продолженија, и Малта со 99:60. Покрај нив беа забележани и два пораза, од Грузија со 48:78 и од Романија со 63:68, како и од Косово (64:66) во разигрувањето за пласман од 9 до 16 место на турнирот.