Министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас е уверен дека наскоро ќе бидат надминати проблемите во преговорите за решение на спорот за името.

Во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ Коѕијас рече дека доаѓа моментот на одлука – кога ќе треба да се каже големото ДА или големото НЕ.

-Очигледно владата на соседната земја се соочи со некои тешкотии и размислува за некои ревизии на договорот, но верувам и се надевам дека за неколку дена се ќе се надмине, рече Коѕијас и додаде дека се додека нема потписи на договорот, никој не може да каже дека се е готово. Според него 5-10 дена порано или подоцна, не прават голема разлика.

Како што рече „раководството на ПЈРМ носи многу тешка и правилна одлука за која е потребна голема политичка храброст, голема политичка зрелост и мислам дека тоа го покажуваат и ќе го покажат. Исто така, мислам дека ги објаснуваат и придобивките што постојат за нивната страна“, вели Коѕијас.

Министерот за надворешни работи на Грција не сакаше да открие кое е договореното име бидејќи „тоа е вклучено во пакетот и ќе треба да го објават двете влади, односно двајцата премиери“.

Тој само рече дека од пакетот пет имиња предложени од медијаторот Метју Нимиц, Коѕијас рече дека во игра се три („Република Северна Македонија“, „Република Горна Македонија“ и „Република Нова Македонија“), откако „Република Македонија (Скопје)“ било отфрлено од грчка, а „Република Вардарска Македонија“, од македонска страна.

За македонскиот јазик, грчкиот шеф на дипломатијата рече дека бил официјализиран уште во 1977 година на конференцијата на ООН што се одржала во Атина.

За македонскиот јазик, шефот на грчката дипломатија рече дека бил официјализиран уште во 1977 година на конференцијата на ООН што се одржала во Атина

Договор на 20 страници
Во однос на договорот, шефот на грчката дипломатија откри дека е на 20 страници – на почетокот бил 17, потоа стигнал до 19, за конечната верзија да биде на 20 страници.

Коѕијас не очекува да има промени во него, објаснувајќи дека со неговиот македонски колега во неделата вечерта на средбата во Брисел, до раните утрински часови одново го разгледале договорот завршен два дена претходно во Њујорк и стигнале до промените што требало да се направат.

Во однос на ратификацијата, тој рече дека првиот чекор треба да биде направен во Скопје.

– Прво потребна е ратификација на договорот во Собранието во Скопје. Самото Скопје, не ние, решаваат да одржат референдум, сакаат да одржат референдум. Референдумот не го наметнуваме ние, не го бараме ние, не го наметнува никој, тоа е политичка одлука, да се задржи даденото ветување и ние, од наша страна целосно ја почитуваме оваа одлука. Ние треба да го разбереме следното: тоа за нив не е само еден едноставен компромис, тие ќе го сменат името на нивната држава. И тоа колку што знам, во историјата само еднаш се случи во централна Европа, со Австро-Германците, рече Коѕијас, додавајќи дека ратификацијата во Атина нема да се случи пред референдумот во Скопје.

Министерот за надворешни работи на Грција во синоќешното опширно двочасовно интервју на грчка државна телевизија ЕРТ, говореше за грчките влади во минатото што го прифатиле предлогот Македонија – Скопје, за предлогот Илинденска Македонија, што беше отфрлен од грчка страна, за ставот на опозициските партии, но и за како што рече „демократското право на Каменос да не гласа“ за договорот во грчкиот Парламент.