Во Државниот архив ние поседуваме копија од Охридскиот договор, па според нашите правила и методи на работа, оригиналот го сместивме во одделот на депото каде што се чуваат документите од институцијата Претседател на држава. Наскоро овој документ ќе го дигитализираме, со што ќе биде двојно заштитен и ќе биде достапен за јавноста, вели во интервју за Новатв, директорот на Државниот Архив, Емил Крстески. Тој за нашиот медиум открива дека до крајот на годината обемен архивски материјал од Османлискиот период поврзан со Македонија ќе биде ставен ан увид на јавноста. Во интервјуто Крстески зборува за соработката со архивите од регионот вклучувајќи го и бугарскиот.

Крстески, во неделата кога се одбележува годишнината од Охридскиот Рамковен Договор, документот во оригинал Ви беше предаден од страна на вицепремиерот Артан Груби. Како го оценувате овој чекор и што тој документ значи за државниот архив. Зошто и порано немало примерок од овој акт?

Пред извесно време во Државниот архив се јавија од Кабинетот на вицепремиерот и министер за општествен систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби со информација дека поседуваат еден од седумте оригинали на Охридскиот рамковен договор и оти имаат намера да ни го предадат на трајно чување и, доколку сме согласни, вицепремиерот лично би дошол да ни го врачи. Улогата и функцијата на Државниот архив е да прибира битни документи поврзани со нашата историја, култура и традиција.  Ние, покрај тоа што соработуваме и чуваме документи од институции, како што се: Кабинет на претседател на држава, Собрание, Влада, Министерства и други државни институции, соработуваме и со приватни иматели и за нас сите документи што се дел од нашата историја се драгоцени, тие претставуваат вистинско историско богатство и тие документи соодветно се чуваат и се заштитуваат. Во понеделникот, вицепремиерот, Артан Груби го посети Државниот архив и официјално ни предаде оригинал од Охридскиот договор, кој има 16 страници и кој е потпишан од: Борис Трајковски, Љубчо Георгиевски, Арбен Џафери, Бранко Црвенковски, Имер Имери и од странските посредувачи, Франсоа Леотар во името на ЕУ и Џемс Пердју од САД.

Може ли за читателите на Новатв.мк да откриете каде го сместивте Охридскиот Рамковен Договор, односно  во „друштво“ на кои документи и во која архивска фасцикла?

Во Државниот архив ние поседуваме копија од Охридскиот договор, кој што е добиен од Кабинетот на претседателот на државата, па според нашите правила и методи на работа, оригиналот го сместивме во одделот на депото каде што се чуваат документите од институцијата Претседател на држава. Наскоро овој документ ќе го дигитализираме, со што ќе биде двојно заштитен и ќе биде достапен за јавноста.

Посетата на Груби чинам прва, ако не се лажам, на оваа јавна установа, резултира и со размена на информации за тоа како работи Државниот Архив, со кои предизвици се соочува, и за тоа што треба да направи државата, оваа установа да прерасне како архивите од модерниот свет?

Со вицепремиерот, Груби имавме едночасовна средба и разговор, не само за Охридскиот рамковен договор, туку и за неговата суштина и значење што тој ги содржи за демократскиот развој на нашата земја и за нашите суштински евро-атлантски перспективи. Покрај тоа, вицепремиерот се интересираше и за работата и функционирањето на Државниот архив, за што детално го информирав, но укажав и на некои слабости и проблеми со кои се соочуваме, а за кои е запознат и премиерот, Зоран Заев. Од името на Владата, вицепремиерот, Груби вети дека ќе се заложи за подобрување на условите за работа, кои треба да бидат според европски стандарди.

Кога сум кај претходното прашање, би сакала истото да го дополнам и со тоа до каде е процесот на дигитализација на архивската граѓа?

Процесот на дигитализација на историските документи и материјали што ги поседува Државниот архив е мошне битен за нивно зачувување и заштита. Тој процес веќе е започнат, но чекорите во таа насока се се уште мали. Од самиот почеток на моето доаѓање на функцијата директор се залагам за подготовка на сериозна Студија за дигитализација, која што наскоро треба да ја добиеме, и која ќе го отвори патот за отпочнување поинтензивна дигитализација на историската граѓа. Технички треба уште да се доопремиме, за да може добро да функционираат регионалните центри за дигитализација – Скопје, Прилеп и Штип. Имам надеж дека до крајот на годинава, со помош на една земја-членка на Европската унија, ќе успееме да направиме голем исчекор во однос на ова важно прашање.

Крстески, неодамна изјавивте дека со бугарскиот архив работите на заеднички проект за Гоце Делчев.Може ли да ни објасните што конкретно опфаќа тој проект и со која динамика се движи, зашто неодамна вашиот бугарски колега за новинската агенција БГНЕС изјави дека, работите не се одвивале со потребната брзина поради кочење од македонска страна.Има ли во сето ова вистина и на што се должи доколку ја има?

Пред речиси две години бев во посета на Софија и се сретнав со мојот бугарски колега, при што инициравме неколку заеднички проекти. Еден од тие беше и објавувањето Каталог на значајни и ретки фотографии од Балканот, што ги поседуваат двата Архива, како и Збирка на писма што ги пишувале револуционери од Илинденскиот период, меѓу кои е и Гоце Делчев. Навистина, пандемијата ја забави реализацијата на овие два проекта, но ние, се надевам, наскоро ќе формираме комисии кои ќе работат врз овие проекти и дека ќе има добри резултати.

Како ја оценувате соработката со државните архиви од регионот, Европа, светот ?

Државниот архив е полноправен и активен член на Меѓународниот архивски совет, со седиште во Париз, на Меѓународна конференција за архивско работење – ИКАРУС, со седиште во Виена и на многу други меѓународни организации и институции. Присутни и активни сме на речиси сите онлајн конференции. До скоро имавме и чести истражувачки престои на наши експерти во повеќе архиви во Европа, а имаме склучено над 20 меѓународни билатерални договори за соработка. Сметам дека треба да бидеме постојано присутни на меѓународната сцена, да прибираме историски документи и материјали поврзани со Македонија и да ја промовираме нашата историја и нашето минато во светот.

Крстески, факт е дека низ вековите, конкретно додека владеела Османлиската империја, многу значајни документи од земјава биле однесени во истанбулските архиви. Има ли некои сеуште непознати документи за нашата јавност од тој период?

Манифестацијата „Десет дена Крушевска република“ оваа година започна со проект изработен од страна на Државниот архив и општина Крушево, со видео презентација и промоција на Брошура на документи за Прилеп и Крушево од Илинденскиот период, фотографии и документи кои првпат беа презентирани во јавноста. Во Државниот архив имаме 16 архивски кутии со досега неистражени, непреведени документи напишани на старотурски и арапски јазик, кои се однесуваат на Илинденскиот период и кои до крајот на годината ќе ги објавиме во посебна книга.

Тука би Ве прашале и за соработката со архивот во Белград, Република Србија. Има информација дека и таму имаме документација од нашето историско минато?

Кон средината на јуни бев во посета на Белград, каде што се сретнав и разговарав со директорите на Архивот на Југославија и на Државниот архив на Србија. Оваа посета беше битна, зашто како претставник на Владата на Република Северна Македонија во преговорите за сукцесија на архивската граѓа од Анексот Д на процесот за сукцесија на поранешна СФРЈ, имав корисни разговори и согледувања во врска со преземањето на архивските документи и материјали од поранешна СФРЈ што се однесуваат на Македонија и на нејзините значајни историски и општествени процеси. Во таа насока, доколку дозволат здравствените услови, наскоро планирам да се сретнам и со моите колеги од Загреб, Љубљана, Подгорица и Сараево, со кои во последно време контактираме преку зум-платформата.

Кои ви се плановите за во иднина? Има ли на повидок некој покапитален проект за работа?

 

Покрај овие активности што ги споменав, Државниот архив се занимава и со издавачка дејност и секоја година објавуваме интересни и атрактивни книги од еминентни автори за нашата историја и архивистика со кои од лани се претставуваме и на Скопскиот саем на книгата и кои од лани може да се најдат и во книжарниците на Литература.мк во Сити Мол Скопје. На крајот, сакам да подвлечам дека ние оваа година одбележуваме седум децении од институционалното создавање и функционирање на Државниот архив, за што на 1 април имавме скромна, но достоинствена свечена Академија, на која присуствуваа и претседателот на државата, премиерот, поглаварите на МПЦ и на ИВЗ, министрите за внатрешни работи и за култура, претседателот на Уставен суд, градоначалникот на Скопје, пратеници, колеги директори и вработени во Државниот архив. По тој повод издадовме и Монографија, што претставува своевиден белег на институцијата и на нашата историја. Очекувам до крајот на годината да организираме уште неколку изложби и промоции на книги што ќе бидат во знакот на овој наш јубилеј.

Мирјана Трпческа