Две кандидатури за градоналници на Струга и на Охрид и советнички листи за општините Тетово, Кичево, Струга, Врапчиште, Зелениково и Ѓорче Петров се одбиени од Државната изборна комисија (ДИК). Како причини се наведуваат ненавремено поднесување или недостатоци од формален карактер. Имињата на кандидатите и нивната партиска припадност засега остануваат тајна, освен што од ДИК истакнаа дека се работи за кандидати и листи на помали партии.
Во трка за 45-те места во Советот на Град Скопје ќе влезат 15 политички парии, коалиции и граѓански движења, соопшти денеска ДИК.
Опозициската ВМРО ДПМНЕ на претстојните локални избори ќе излезе со 62 кандидати, СДСМ со 68 кандидати, ДУИ ќе атакува со свои адути во 19 општини, Алијанса и Алтернатива со 15, а како независни кандидати со поддршка од група граѓани се 27 лица.
Изборната кампања за локалните избори на 17 октомври ќе почне во понеделник (27 септември) и ќе трае до 15 октомври.