Шпанскиот селектор Хулен Лопетеги повеќе нема дилеми. И најситните, ако воопшто и постоеја, ги отстрани вечерва и го обелодени составот што ќе го испрати на терен од првата минута во мечот со Македонија во квалификациите за СП 2018. Дел од него не е Хуан Мата за кого медиумите прогнозираа дека ќе почне од клупата утревечер во Гранада.
На голот ќе биде Давид де Хеа. Линијата пред него ќе биде составена од Карвахал и Монреал по страничните позиции и Начо и Карвахал како централни дефанзивци. Во средниот ред ќе дејствуваат Бускетс, Коке и Туаго, офанзивни крилни ќе биде Витоло и Силва, а меѓу нив Алваро Мората за комплетирање на офанзивната формација 4-3-3.
Лопетеги за дуелот со Македонија не можеше да смета на Пике, Рамос, Иниеста, Диего Коста и, по сè изгледа, на Жорди Алба кој, исто така, беше неизвесен. Играчот на Барселона, според медиуми на Пиринеите, ќе биде меѓу резервите бидејќи сè уште не е подготвен за цел меч по повредата, па стручниот штаб не сака ништо да ризикува со него.