Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко изјави дека е убеден оти Западот ги финансира уличните собири и немири во земјата. На седницата на Белорускиот совет за безбедност, тој ги повика западните лидери, кои денес се состануваат да разговараат за ситуацијата во Белорусија, да се фокусираат на проблемите во нивните земји.

„Западните земји, директно, без да се кријат, отворено го најавуваат собирањето на средства и нивното испраќање во Белорусија. Го гледаме тоа“, рече Лукашенко.

Тој додаде дека Белорусија не може да ги следи сите средства испратени во неговата земја затоа што, како што тврди, многу од нив доаѓаат во кеса.

„Но, тоа го знаеме и ќе се фокусираме на тоа прашање“, рече Лукашенко, пренесува „БелТА“.

Лукашенко ги повика западните лидери да се фокусираат на проблемите во нивните земји.

„Би сакал да ги посоветувам: пред да вперат прст кон нас, на агендата на своите состаноци да ги стават и прашањата на „жолтите елеци“ во Франција и ужасните немири во САД и другите европски земји“, рече Лукашенко.

На состанокот на Советот за безбедност, на кој преку видео врска присуствуваа и лидерите на регионите, тој кажа дека Белорусија сè уште се соочува со тешка социјална и политичка ситуација, јави агенцијата „Тасс“.