Македонци од Бугарија, претставници од организациите и здруженијата на македонското малцинство се очекува кон средината на јануари, веднаш по најавената посета на бугарскиот премиер Кирил Петков да се сретнат со македонскиот претседател Стево Пендаровски во Скопје.

Средбата е иницирана од ОМО „Илинден Пирин“, македонска организација која има добиено 11 од вкупно 16 пресуди пред Европскиот суд за човекови слободи и права од Стразбур за кршење на правото на слободно здружување на Македонците во Бугарија. Како што дознаваме од почесниот претседател Стојан Георгиев во Македонија ќе дојдат осуммина претставници од македонските здруженија меѓу кои и од Здружението на репресираните Македонци, односно неговиот претседател Стојан Герасимов како и претставници од здруженијата во Благоевград, Гоце Делчев, Сандански и од други градови.

  – Барањето е добиено и претседателот Пендаровски ќе ги прими претставници на ОМО Илинден. За точниот датум ќе информираме дополнително, велат од Кабинетот на претседателот Пендаровски.

Георгиев кој е еден од основачите на ОМО Илинден-Пирин за Нова Тв вели дека во план е во Македонија да дојдат веднаш по посетата на Петков, најверојатно околу 20 јануари, но дека сепак тоа зависи и од претседателот Пендаровски кој го прифати барањето, останува уште да се презицира датумот на средбата.

Барањето за средба со Пендаровски, како што ни објасни почесниот претседател на ОМО Илинден Пирин, е поттикнато, откако Радев по средбата со македонските Бугари пред неколку месеци ја повика бугарската влада да преземе мерки против дискриминацијата на етничките Бугари во Македонија и побара од бугарските институции да ги олеснат процедурите за добивање бугарско државјанство за, како што рече тогаш, нивните сонародници од Македонија.

– Претседателот на Бугарија Румен Радев неодамна во својот кабинет во Софија  прими претставници на организациите на македонските Бугари, па сега сакаме и ние Македонците во Бугарија да се сретнеме со претседателот Пендаровски и да му ја кажеме нашата вистина, но и да му пренесеме неколку пораки, а тоа е дека Македонија не треба да отстапува и да ги продава националните интереси во разговорите со бугарските власти , вели Георгиев за Нова ТВ.

Според Радев, македонските Бугари, нивната рамноправност во политичкиот, општествениот, културниот и економскиот живот во РС Македонија и стриктното исполнување на Договорот за пријателство од 2017 година се клучот од вратата на Европската унија и затоа Бугарија најави дека решително ќе застане зад македонските Бугари и нема да отстапува од своите ставови.

Оттаму се и реакциите на Георгиев на барањето на Бугарите да влезат во македонскиот Устав, но и на бугарската негаторска политика кон Македонците „во духот на живковистите“.

– Бугарите бараат да влезат во македонскиот Устав, а не сакаат да го признаат македонското малцинство, го негираат македонскиот јазик, нашето постоење и култура. Ставовите изречени во Декларацијата на бугарскиот парламент се ставови преземени од Живков и во никој случај не треба да бидат прифатени од македонска страна, порачува Георгиев.

Георгиев, на шега вели дека е млад борец за права со своите 84 години и дека до крајот на својот живот ќе води борба за правата на Македонците во Бугарија. Во разговор за Нова ТВ тој потсетува дека заедно со Стојан Герасимов, претседателот на Здружението на репресираните Македонци уште како гимназијалци во шеесетите и седумдесетите години од минатиот век биле прогонувани од бугарските власти. Георгиев поминал низ осумгодишна голгота по затворите во комунистичка Бугарија само затоа што е Македонец, а Бугарија и до ден денешен не сака да го регистрира Здружението на репресирани Македонци за време на комунузмот и партијата „Омо Илинден Пирин“.

Георгиев, е и познат македонскиот деец, автор на книгата „Повест за една Македонка“. Тој е родум од градот Петрич. Во неговата биографија е запишано дека уште како ученик на 18-годишна возраст доаѓа во судир со бугарската власт поради неговиот јавно искажан став за постоење на Македонците како посебен народ од Бугарите и членство во илегалната македонска организација Илинден.

По падот на комунизмот во Бугарија, избран е за прв претседател на ОМО „Илинден”-Пирин наспроти сите закани и притисоци во Бугарија и неуморно опстојува со децении во одбраната на правото на Македонците да се стекнат со своите национални права.

Откако македонската влада го разреши специјалниот преставник Владо Бучковски во јавноста се изродија очекувања дека владата на Ковачевски планира да отвори нова страница во преговорите со Бугарија, кои најверојатно ќе претрпат само промени од технички аспект.

Димитар Ковачевски, мандатар и лидер на СДСМ во интервју за Телма вчера изјави дека односите меѓу двете соседни држави треба да бидат на многу повисоко ниво.

Според Ковачевски прво треба да се отвори разговор за да се врати довербата низ дијалог.

– Јас се уште стојам на ставот, а впрочем тоа е и ставот на премиерот Петков, дека разговорот треба да се води на теми кои гледаат кон иднината, односно во делот на економската соработка, иновациите, инфраструктурата, културата, во делот на помошта на евроинтегративниот процес на државата, вели Ковачевски.

Во контекст на прашањето за новиот пристап во разговорите со Бугарија што се отвори по разрешувањето на Бучковски, побаравме одговор од министерот Бујар Османи, но одговор од МНР, не добивме.

Стојанка Митреска