„Причината за реакцијата на Бугарија е предлогот на ЕУ целото европско законодавство да се преведе на македонски јазик. Тоа беше нашата битка, интерес на Северна Македонија и наша победа во т ој момент. Тоа беше причина Бугарија да ја издаде декларацијата во Собранието“ рече секретарот за меѓународна соработка на СДСМ и министер за правда, Бојан Маричиќ во емисијата „24 анализа“ на ТВ24.

Во дебатата со секретарот за меѓународна политика на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, Маричиќ кажа дека опозициската партија, знае да понуди само лажни вести, блокади и бојкот и затоа нивната поддршка опаѓа.

„ВМРО-ДПМНЕ ја остави Македонија како заробена држава, потврдено во европските извештаи. Во последните четири години сите извештаи се позитивни и сите препораки се чисти за почеток на преговорите. Јасно е дека поради билатералниот проблем со Бугарија не можеме да ги почнеме преговорите“ рече Маричиќ.

Тој додаде дека по доаѓањето на власт на СДСМ биле потребни 6 месеци за воспоствување на комуникацијата со европските и светските земји и институции.

„Од сите адреси низ Европа и Светот ни кажааа дека биле лажени со години за состојбата во државата и желбата да се решат споровите. Ние тргнавме да ја извлекуваме државата од калта на ВМРО-ДПМНЕ и ја направивме членка на НАТО. Знаевме под кои услови можевме да станеме членка на НАТО“ рече Маричиќ.

Тој додаде дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик никогаш не биле на маса, дури ни во преговорите со Грција.