Кривичниот суд определи 30 дневен притвор за 8 од уапсените лица во акцијата „Адитив“, за едно лице, поради здравствени проблеми е определен домашен притвор, за останатите 13 пак, се определени мерки на претпазливост.
Меѓу оние кои добија притвор е и поранешниот директор на ЕСМ Васко Стефанов, кој утринава со лисици од полициско комбе беше спроведен во кривичниот суд, откако вчера беше уапсен на граничниот премин Табановце. Во меѓувреме и натаму се трага по неговиот претходник Васко Ковачевски кој не е во земјава, за кој во отсуство, од судот велат, не можат да изречат построги мерки. Министерот Тошковски посочи дека тој и натаму е недостапен за органите на прогон, но ги отфрли шпекулациите дека Ковачевски се откажал од македонското државјанство.
Во вчерашната акција „Адитив“ беа уапсени 22 лица во неколку градови во земјава поради сомнежи за перење на пари и криминал за јавни набавки на адитиви, за кои надлежните велат дека во ТЕЦ Осломеј од истите не е потрошен ниту еден процент, а во РЕК Битола 95% од адитивите никогаш не биле употребени и тоа во ек на енергетска криза. Уапсените, според пресметките ја оштетиле државата за 6,5 милиони евра.