По два месеци сондажа на јавното мислење, претседателот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски го соопшти партискиот став за референдумот и повика секој член да постапи според сопствено убедување.
Ваквиот став без да се повика да се гласа на 30 септември се толкува како повик за тивок бојкот на референдумот – коментираат партиски членови, посебно што Мицкоски во говорот синоќа кажа: „Вие најдобро знаете што сакам да ви кажам и дека ова што ви го кажувам допира до секој еден од вас, само треба да го слушате вашето срце и вашиот разум, и на крај, сосема на крај Македонија ќе победи, затоа што на Македонија и е потребна мудрост и обединетост“.
По настапот на Мицкоски во кој тој неколкупати нагласи дека Договорот со Грција е неприфатлив за него, на социјалните мрежи членови на партијата коментираа дека партискиот претседател повикал на бојкот.“Само глув човек вечерва не слушна и слеп човек не виде кристално чист повик за бојкот. Браво ВМРО”, напиша Александар Пандов.
Мицкоски одби да одговори на новинарски прашања и да каже дали тој ќе гласа на референдумот на 30 септември. Со избегнувањето да одговори на ова прашање, тој остави простор партиското членство да си ја толкува одлуката како што сака.
„ Ова не беше јасен повик за бојкот, но намерно ставот не е јасен, затоа што другата опција ќе му направеше штета. Партијата е поделена, има фракции, различни мислења – од порадикални до поумерени. Одговорот на прашањето „дали тој ќе гласа“ ќе одговореше на многу дилеми, затоа што тој е претседател на најголемата партија на Македонците и негова работа е да ги артикулира ставовите на добар дел на гласачкото тело. Со ваквото маневрирање и избегнување да одговори на ова прашање, тој си остави простор да се заштити односно бараше начин како референдумот да има помала штета врз него лично, но мислам дека греши затоа што референдумот не е партиско прашање, туку е крупно прашање за кое мора да имаш став како партија“, вели Љупчо Петковски од невладината организација Евротинк за НОВА ТВ.
Доколку Мицкоски се обиде со ваков став да ги задоволи сите страни во партијата, и тоа е дискутабилно посебно што сите фракции во партијата, различно ќе го толкуваат неговиот повик и поделеноста уште повеќе ќе се манифестира на денот на гласањето.
Петковски додава дека токму ВМРО ДПМНЕ беше иницијатор на идејата, за спорот за името да одлучуваат граѓаните на референдум, и после толку години повикување на народот, тие сега се повлекуваат. За него е чудна одлуката на партијата која е спротивна на интересите на ЕУ и НАТО иако новото партиско раководство со месеци водеше кампања да го поправи нарушениот имиџ и да се покажат како подржувачи на eвроинтеграциите со што ќе го тргнеа баластот, посебно по насилството од 27 април, дека се проруски играчи.
„ Водеа кампања со месеци да го поправат имиџот на партијата и да докажат дека се за ЕУ и за НАТО, а покажаа дека работат против интересите на ЕУ, и на Германија и на САД, затоа што интерес на овие сили е референдумот да успее, односно граѓаните да излезат и да кажат што мислат за правецот во кој треба да се движи државата барем во наредните 50 години“, коментира Петковски.
Во овој контекст Мицкоски вчера кажа дека ВМРО ДПМНЕ е за ЕУ и НАТО, но против Договорот со Грција.
„ВМРО-ДПМНЕ напоменувам и потенцирам е за членство во НАТО и во Европската Унија. Toa се нашите пријатели и партнери. И не треба да се заборави дека ВМРО-ДПМНЕ освен тоа што е продолжение на столетната борба за слобода, во деведесетите е формирана и како одговор на партијата СДСМ која како што самите се декларираат, е продолжение на минатиот комунистички систем. Република Македонија не смее да има поинаква иднина освен онаа трасираната кон овие организации. Но, воедно ние сме силно против Договорот, затоа што тој не ги одразува интересите на Република Македонија и се коси со Уставот и принципите на оваа земја“, кажа Мицкоски.
Германската канцеларка Меркел на прес конференцијата во Владата јасно порача дека „членството во НАТО и во европското семејство се возможни, ако референдумот биде успешен“ и дека врската меѓу Договорот и членството во меѓународните организации мора да ја сфатат сите, затоа што за членство во овие организации треба да гласаат сите земји членки.
Петковски очекува, како што наближува референдумот, се повеќе да доминира чувството дека референдумот треба да успее – „ не затоа што власта е многу популарна или затоа што веруваат во пораките од кампањата туку затоа што на граѓаните им е преку глава да се води политика која 30 години не дава резултати – чувство кое го имаат и членови на ВМРО ДПМНЕ“, вели Петковски.
Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ против партиската одлука
Седницата на Извршниот комитет траела цели 4 часа. Двајца членови на Извршниот комитет – потпретседателот на партијата Митко Јанчев и Костадин Богданов биле против предлогот – членството само да одлучи дали ќе гласа или ќе бојкотира, туку ја застапувале позицијата дека треба да се повика на излезност, а граѓаните сами да одлучат дали ќе гласаат „за“ или “ против“.
Други двајца членови на Извршниот комитет гласале за бојкот, а сите останати го подржале предлогот на Мицкоски, што потоа бил потврден и на седницата на Централниот комитет. Членови на Извршниот комитет коментираат дека одлуката била донесена и пред да заседава најтесното партиско раководство и дискусијата се водела во атмосфера во која било јасно дека нема да има промена на ваквиот став.

Потпретседателот на партијата Митко Јанчев гласал телефонски. Тој во изјава за НОВА ТВ вели дека „партијата треба да има подециден став околу рефрендумот и да му даде шанса на секого да гласа на рефрендумот и сам да одлучи дали ќе гласа „за“ или „против“ Договорот.
Од партијата велат дека се уште не одлучиле дали воопшто ќе се вклучат во кампањата за референдумот, но ќе продолжи акцијата „Лето за Македонија“ и ќе имаат средби со граѓаните на кои ќе зборуваат за штетноста од Договорот со Грција. Мицкоски вчера кажа дека Договорот со Грција не го прифаќаат и дека со Договорот „неповратно се изгубиле преговарачките пзоиции на Македонија“.
Тој го повика премиерот Заев на нов дуел, за отворено да разговарат за Договорот. Заев одговори дека дуел ќе има кога Мицкоски јасно ќе се произнесе за референдумот.
„Ќе има дебата со Христијан Мицкоски кога јавно ќе каже дека е против бојкот на референдумот“, кажа Заев.