Овие денови беше врнежливо, небото е прекриено со темни облаци исто како и секојдневието што го живееме. Иако се чини дека тоа никогаш нема да престане, тука, од врнежливото Скопје, велам, доаѓаат подобри времиња, родена е надежта која ќе ни донесе нова иднина. Тоа е гласот на промените, а народот е силата на тие промени, тоа е гласот кој ќе ги оддува облаците и ќе го врати сонцето, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг на караванот„Создади нова иднина“.

Новата иднина се промените, проектите и победите. Промените што ќе значат дека на сцена доаѓа нова генерација луѓе, нова надеж во политиката. Проектите кои ќе значат решенија за проблемите на луѓето, и победите. Победите кои му требаат на народот и успесите кои мора да бидат заеднички.

Скопје мора да го ослободиме од тесната клика и олигархијата која го гуши градот. Градот му припаѓа на народот. Скопје што побрзо мора да го преобразиме во метропола каква сите ние ја заслужуваме. Модерен град, град на случувања, град што се движи. Да ги вратиме насмевките на луѓето, да градиме дом за сите.

За жал, реалноста говори дека и Скопје е зафатено од она што го гледаме во целата наша татковина. Разочарувања, неисполнети ветувања, крпен живот, неодговорни институции, локални шерифи, луѓе кои делат правда со боксови и пиштоли по улици, несигурност, пропаѓања и огромна, огромна сиромаштија. рече Мицкоски.

И додека сево ова се случува, имаме неподнослива ароганција на власта и запрепастувачка отсутност од реалноста. И на овие избори имаме реприза на истите ветувања, истите стравови со кои го плашат народот, истите сеништа од минатото, истите фрази, говори, потези, лактови, гестикулации.

Кога гледам каква надворешна политика водат, човек срам го фаќа. Она чувство кај човек кога ти е срам поради туѓиот срам. И мака и јад во душата кога гледаш дека тие кои треба да ти ја претставуваат земјата, дома ти глумат Европејци, а надвор пазарџии.

На нашите соседи им должиме искрен однос, искрена желба за градење на пријателства кои мора да се на принципот на реципроцитет, и взаемно почитување. Нема почит за тие кои не нè почитуваат, но ќе има подадена рака, за тие кои подаваат рака за пријателство. Треба да се заборават подметнувањата, договори кои се потпишуваат на слепо за да се спасат десетина кариери, како таа на Заев, затоа што јас и луѓето околу мене никому не должат освен на својот народ, рече Мицкоски на митингот во Скопје.

На собирот на платото пред Филхармонија се обрати кандидатот за градоначалник на Скопје кој го поддржува оваа партија, Данела Арсовска.

Овие избори не се за политика. Овие избори се за нашето Скопје, за нашиот живот. Овие избори се за нашето секојдневие, за нашите проблеми и пред се за брзи, квалитетни и сигурни решенија за тие проблеми. На Скопје не му треба политичар со празни ветувања. На Скопје му треба менаџер кој ќе донесе решенија потребни за нашиот град да биде поубав. По стотици разговори што ги имав со вас скопјани, изминативе две недели додека го посетував секое место во Скопје, мојот заклучок е дека промена навистина му е потребна
на Скопје, истакна Данела Арсовска, независен кандидат за градоначалник на Скопје во нејзиното вечерашно обраќање пред граѓаните на Скопје од главниот митинг пред Филхармонија.

Таа понатаму потенцираше дека граѓаните немаат време за чекање после сите лажни ветувања и нереализирани проекти и токму сега е време за промени.

– Кога граѓаните ми кажуваат дека ништо не е превземено во нивното соседство да им се помогне, дека секојдневно се соочуваат со нееасфалтираните улици, со поплавените улици по секој дожд, дека немаат вода за пиење или се соочени со прекини на водоснабдување скоро секој ден во некој дел од градот, нема
фекална канализација во голем број населени места особено на периферијата на градот. Затоа навистина време е за промени, истакна таа.

Арсовска вечерва пред скопјани уште еднаш кажа дека на овие избори се натпреварува како независен натпартиски кандидат и е дел од скопјани во борбата за поубаво Скопје, презентирајќи ги клучните проекти од својата програма кои ќе го направат градот модерен и европски, град со кој ќе се гордеат сите скопјани.


– Овие проекти ќе го направат Скопје модерен европски град, град на којшто ќе се гордееме. Ќе изградиме 5 мега паркови и ќе го направиме Скопје повторно зелен град. Ќе изградиме кружен тек кај Мавровка и ќе го направиме сообраќајот пофункционален на сите проблематични точки. Во градот нема да има повеќе заборавени населби и таму ќе се инвестира во инфраструктура. Ќе иницираме заштита на Водно со закон, слободно од автомобили. Сите ние сакаме да имаме пристоен живот во овој град. Сите ние сакаме град без
проблеми. Град без проблем со водата за пиење во дел од населените места, град каде нема диви депонии. Сакаме град каде образованието на нашите деца ќе се одвива во модерни училишта.  Со бесплатниот јавен превоз и набавката на 250 еко автобуси скопјани ќе добијат еколошко решение наместо утопија – тоа е мојата понуда за Скопје. И кога мојот противник вели дека ова не е остварливо, сакам да прашам зошто истото го нудеше неколку дена по мене и срамно ме копираше. Ако не е реален проектот зошто го нуди истото? Затоа
што знае дека е реалност и знае дека тој е главниот виновник за лошото менаџирање на ЈСП, рече Арсовска.