Лидерот на СДСМ, Зоран Заев не исклучува нови опструкции и насилство при образложувањето на новиот состав на владата.
-Се е можно, по тоа што го видовме, не можеме да кажеме. Застрашувачките пораки беа испратени до сите и допреа до сите граѓани и до нас пратениците, изјави Заев одговарајќи на ноинарско прашање по средбата со претставниците на ОБСЕ.
Тој најави дека има можности до крајот на месецот да биде формирана новата влада во согласност со роковите, но зависи и од одлуката на Иванов дали ќе го даде мандатот, како и од техничката можност на Собранието, дали е таму сѐ функционално и дали пратениците ќе можат да работат.
Во врска со поставувањето на албанското знаме во Кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери, и големиот број јавни реакции, Заев рече дека треба да се почитуваат законите и Уставот и дека секој треба да има правна и политичка одговорност без разлика дали се работи за нивниот коалиционен партнер.
-Законите во Македонија се јасни и тие треба да се почитуваат. Ако се случила некаква грешка, се надевам ќе се поправи. Треба на сите наши политички преокупации да им дадеме секундарно или терцијарно значење, мораме да испратиме порака дека Уставот и законот не може повеќе да се газат во Македонија и тоа да се покажува како патриотски чин,изјави Заев.