Категорично ги отфрламе како невистинити сите обвинувања за наводно „координирано следење, малтретирање и селективно попречување на слободата на луѓе”, демантира МВР откако ВМРО – ДПМНЕ обвини дека началници, командири, полицајци блиски до СДСМ договарале малтретирање на граѓани, а нивната комуникацијата била на апликацијата „Вибер“, именувана како „XXX“. Од партијата обвинија и дека биле следени нивни членови, како кандидатот за градоначалник на Прилеп од оваа партија.

– Во јавноста не е изнесен ниту еден доказ ниту дека тоа се договарало, ниту дека МВР на било кој начин е дел од таква наводна операција, ниту пак дека тоа реално се случувало. Ја информираме јавноста дека МВР нема креирано таква „Вибер“ група и дека активностите на МВР и во Прилеп и во било кој друг град не се координираат преку „Вибер“ групи. Во исто време, после направена проверка на статистиката за возила испратени на технички преглед, информираме дека тој ден во Прилеп нема испратено возило на технички преглед, ниту пак, е изречена санкција за сообраќаен прекршок, што говори дека наведените дејствија, всушност, не се случиле.

Од МВР соопштија и дека е почната внатрешна истрага за да се утврдат фактите.

– Имајќи предвид дека вибер групи или графички прикази од вибер групи може да се креираат и изработат во секое време и од секого, и имајќи предвид дека до МВР не е пристигната ниту една пријава од граѓанин за дејствија во Прилеп на денот на изборите какви што беа презентирани на прес – конференцијата, додаваат од МВР.

Драган Ковачки од ВМРО – ДПМНЕ, на прес – конференција обвини за злосторничко здружување на полицајци блиски до власта. Според него, главната цел на полицјаците била да ги следат изборни активности на ВМРО – ДПМНЕ.