Земјите членки на ЕУ ја одобрија спогодбата за напуштање на Обединетото Кралство на ЕУ и политичката декларација, објави претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск.
Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, изјави дека е ова е тажен ден и дека напуштањето на Обединетото Кралство е трагедија.
Сепак тој рече дека постигнатиот договор е единствената можна зделка со Лондон.
– Задоволни сме од постигнатиот резултат, но денот е тажен. не е време ниту за аплаузи, ниту за шампањско. Сите на денешната седница изразија тага. Пред една година ЕК презеде обврска да преговара со Велика Британија. Тешко беше да се зачува единството на државите од ЕУ. Често имаше притисок од Лондон врз одделни држави од Унијата и соодветната работна група во Европскиот парламент. Имаше проблем и со нашите шпански пријатели, кои многу ги почитувам. Се договоривме и за Гибралтар. Оние кои не се Шпанци, не ја разбираат важноста на прашањето. Постигнатиот договор е добар за Шпанија, истакна Јункер.
Тој повика овој договор да биде поддржан и во британскиот Парламент, бидејќи тоа е единствената најдобра зделка.
Германската канцеларка Ангела Меркел пак рече дека тој е „дипломатско ремек-дело“.
– Ова е историски ден, кој предизвикува спротивставени чувства…трагично е што Обединетото Кралство ја напушта ЕУ после 45 години, но мора да го испочитуваме гласот на британскиот народ, истакна Меркел.
Таа го пофали Договорот кој Меј го постигнала во „екстремно тешка ситуација без преседан“, но дополни дека во него се одразуваат интересите на обете страни.
Претседателот на Европскиот совет Туск рече дека Европската унија и Велика Британија ќе останат пријатели засекогаш, без оглед на процесот на ратификување на договорот за Брегзит и понатамошните преговори меѓу двете страни.
-Пред нас имаме тежок процес на ратификација (на Договорот за Брегзит), како и понатамошни преговори (за идните односи). Но, без оглед како ќе заврши ова, едно е сигурно: ние ќе останеме пријатели до крајот на светот и еден ден подолго, напиша Туск на Твитер.
Британската премиерка Тереза Меј изјави дека за разлика од нејзините колеги во ЕУ, денеска не се чувствува тажно. Според неа, не е потребен втор референдум во Велика Британија за членство во ЕУ. Таа избегна јасен одговор на тоа дали ќе поднесе оставка ако нејзиниот договор за повлекување на ЕУ не добие поддршка во британскиот Парламент.
На прес-конференцијата по денешната седница на Европски совет, таа рече дека е оптимист во врска со иднината на нејзината земја и дека пред Британија се појавува светла иднина. Меј очекува дека пред Божик Долниот дом во британскиот Парламент ќе се произнесе за постигнатиот договор, пренесува БТА. Таа наведе дека ова е единствениот можен договор и не може да се очекува повторување на преговорите.
– Британците не сакаат повеќе да се расправаат, туку сакаат договор во согласност со резултатот од референдумот. Постигнавме најдобар можен договор. Најдобрите денови се пред нас. Парламентот во Лондон е должен да ја исполни волјата на гласачите. Луѓето одлучија да ја напуштат ЕУ и верувам дека довербата во политичарите ќе се искаже со поддршка на договорот, рече Меј.
Според неа, ако договорот не ја добие потребната поддршка, тоа би довело до поголема поделба и несигурност. Прашана дали ја споделува тагата на другите шефови на држави и влади на ЕУ, која денеска беше изразена речиси едногласно, Меј одговори негативно.
– Јас разбирам дека другите се тажни. За нас е важно да се движиме напред, додаде британската премиерка.
Преговори долги 18 месеци
Година и половина им беше потребна на Лондон и Брисел да се договорат за спогодбата за повлекување, како и политичката декларација која ја поставува рамката на идното партнерство меѓу двете страни по Брегзит.
Спогодбата за повлекување предвидува решение за ирската граница која на многумина во Британија не им се допаѓа бидејќи оценуваат дека на тој начин Северна Ирска ќе стане „економска колонија на ЕУ“.
Топката е сега во рацете на британскиот Парламент кој треба да ја одобри спогодбата, но мнозинството на премиерката Тереза Меј е слабо и ситуацијата е неизвесна.
Арлин Фостер, лидерката на Демократската унионистичка партија (ДУП) која обезбедува мало мнозинство во владејачките конзервативци на Велика Британија, рече дека нема да го поддржи договорот во формата во која е договорен.
Водечката, британска опозициска Лабуристичката партија во Парламентот ќе гласа против договорот на британската Влада со ЕУ за Брегзит, изјави денеска нејзиниот лидер Џереми Корбин.
Тој смета дека договорот потпишан во Брисел е на штета на Велика Британија и е „тажен неупсех на преговорите“.
– Со него ни се дава помалку право да одлучуваме за нашата иднина и ги загрозува работните места и животниот стандард, рече Корбин.
Во Брисел не сакаат да коментираат што би можело да се случи ако договорот за „развод“ не помине во британскиот Парламент или ако падне Владата на Меј, но велат дека ЕУ веќе некое време се подготвува за Брегзит без договор, што би било најлоша опција. Меј вели дека би сакала Парламентот да гласа пред 21 декември.
Ако договорот добие поддршка во Парламентот, тогаш британската Влада мора да предложи закон за напуштање на ЕУ, што исто така може да предизвика енергични дебати.
На европската страна и е потребна согласност од Европскиот парламент. Гласањето во Европскиот парламент може да се одржи на почетокот од 2019 година, а теоретски тоа е можно да се направи на 28 март 2019 година, последниот ден од пленарната седница пред Велика Британија замине на 29 март 2019 година.
По ратификацијата во Европскиот парламент, договорот за раздружување мора да биде одобрен од Европскиот совет, најголемото политичко тело на ЕУ, кое ги поврзува шефовите на држави или влади. Во Европскиот совет, договорот мора да добие квалификувано мнозинство – 72 процента од 27 земји-членки (20 земји-членки), што претставува најмалку 65 проценти од популацијата во ЕУ.
Од полноќ на 29 март, Обединетото Кралство станува трета земја во однос на ЕУ и повеќе нема да може да учествува во одлучувањето во органите на ЕУ, по што следува период на транзиција.
Тој период на транзиција е договорен до крајот на 2020 година, а според политичката изјава, тој може да се продолжи до максимум две години, односно до крајот на 2022 година.
Дури по 29 март 2019 година формално може да започнат преговори за идните односи, а основата за тие преговори ќе биде политичка декларација, која само дава преглед на овие идни односи.
Најтешкото прашање во преговорите – прашањето за границата на ирскиот остров – е решено на начин што Обединетото Кралство и ЕУ ќе формираат единствена царинска територија додека не се постигне договор за идните односи.