Руската полиција го приведе опозицискиот лидер, Алексеј Навални, во центарот на Москва, каде се одржуваше протестот против корупција, што го организираше тој.

Стотици опозициски демонстранти се собрале околу полициското комбе и пробувале да ја спречат полицијата да го одведе Навални, а неколкумина од нив беа уапсени.

Навални е познат по неговата анти корупциска кампања, којашто таргетира неколку функционери од Кремљ. Тој неодамна тврдеше дека рускиот премиер Дмитриј Медведев поседува неколку куќи, јахти и лозја.

Во повеќе градови во Русија денеска се одржаа протести против корупција  на владините претставници, а десетина демонстранти се уапсени, јавија американските медиуми, повикувајќи се на руски сајтови и социјални мрежи.

Навални на Твитер ги повика насобраните да ја продолжат прошетката против корупцијата без него. Десетици луѓе биле уапсени на Плоштадот Пушкин каде што имаше силно полициско обезбедување, а над насобраните надлетуваше хеликоптер. Медиумите јавуваат дека имало апсења и во други градови во Русија.