Од Центарот за управување со кризи денеска го соопштија пресекот на активни пожари до 8:30 часот при што потенцираа дека е активен пожарот во Делчево, и истиот, заедно со Пехчево е третиран како едни од најголемите пожари.

Горан Стојановски од Центарот за управување со кризи информираше дека во текот на вчерашниот ден имало 18 пожари во Скопје од кои 17 се целосно ликвидирани. Како што нагласи, остана пожарот во Сарај, кој се спушти од Тетовскиот регион од Желино и движејќи се кон селата Раовиќ и Буковиќ зафатил добар простор од Јасен.

– Пожарот во Охрид е целосно локализиран кај Косел и село Расино. Пожарот во Велес, населба Дорутовец  е исто така локализиран, како и во селата Лозарци, Рожден и Мрежичко, информираше Стојановски.

Тој нагласи дека состојбата сега е стабилна, но и понатаму ќе ја следат и доколку има потреба Оперативниот штаб на ЦУК, дополнително ќе настојува да помогне во распределба на ресурси, човекови и материјални средства.

Марија Милкова од ЦУК на денешната прес-конференција истакна дека не сме сами во ова, туку, имаме странска помош, која, како што нагласи, „ја подадоа својата рака“, донираа свои ресурси, човечки и материјални, во справувањето со пожарите кои беснеат во државата.

– До овој момент странска помош која е пристигната е тимот од Србија, со четири хелокоптери кои први дојдоа на помош, тимот од Бугарија, со 25 пожарникари и шест специјализирани возила за гаснење на пожари, тимот од Словенија, со 45 лица, медицинска екипа, 11 противпожарни и транспортни возила и специјализирани екипи опремени со сите можни ресурси, австрискиот тим составен од 140 лица, 16 специјализирани возила, медицински тим, амбулантно возило, 14 камиони, 9 приколки и друга дополнителна опрема за гаснење на пожари, изјави Милкова.

Таа изрази огромна благодарност и информираше дека се најавени и други држави кои ќе испратат свои претставници и ресурси во справувањето со пожарот.

Драги Тарчуговски од ЦУК истакна дека за да заврши кризната состојба, покрај координацијата на субјектите на системот за управување со кризи, на сите субјекти во државата, како и координацијата со меѓународните тимови, потребна е и поддршката од граѓаните.

– Би апелирал до граѓаните, во наредните денови, кога се изразено високи температурите, да се воздржат од правење скари и палење огнови на отворено, а многу повеќе да внимаваат пушачите, особено при фрлањето на догорчињата, бидејќи најголем број од пожарите во историјата се од патот кон отворениот простор и кон шумите, истакна Тарчуговски.

Тој нагласи дека догорчињата се едни од главните причинители и ги замоли пушачите секоја цигара што ќе ја испушат, да ја изгаснат.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, на денешната прес-конференција информираше дека во некои случаи, пожарите се предизвикани од искри од жици на бандери и изјави дека во тек е изработка на барање до ЕВН за да ги проверат нивните системи за дистрибуција на електрична енергија.