Скот Ферламб, кој беше снимен како удира полицаец за време на нападот на американски „Капитол“ на почетокот на оваа година, доби затворска казна од 41 месец.
Како што пренесуваат странските агенции, станува збор за најстрогата казна изречена во речиси 700 покренати кривични случаи, откако приврзаници на поранешниот претседател Доналд Трамп го нападнаа „Капитол“ на 6 јануари оваа година, не прифаќајќи го неговиот изборен пораз.
Американскиот окружен судија, Ројс Ламберт ја наведе сериозноста на однесувањето на сопственикот на теретана во Њу Џерси, Скот Ферламб, како отежнувачка околност при изрекувањето на казната.
Ферламб е снимен како вика по полицајците пред да турне еден од нив и да го удри со тупаница по лицето. Тој ја призна вината во август.
Судијата истакна дека оваа казна ќе биде репер за повеќе од 120 лица кои се обвинети за напад на полицијата во немирите пред и во „Капитол“ од илјадници поддржувачи на Трамп.
Еден полицаец од „Капитол“, нападнат од демонстранти, почина ден по немирите, а четворица полицајци вклучени во одбрана на објектот, подоцна си го одзедоа животот. Повредени беа околу 140 полицајци.