Спасувачките операции во Бучанскиот реон на Кијивската област завршија вечерва, откако руски балистички ракетен напад врз воен полигон, каде што се одржувала изложба на одбранбена опрема и вооружување. Нападот однесе 10 животи, а околу 100 лица се повредени.
Според украинските власти, нападот бил извршен во текот на денот, кога две балистички ракети го погодиле полигонот. Во непосредната околина се предизвикани значителни оштетувања на цивилна инфраструктура и станбени објекти. Државната служба за вонредни состојби соопшти дека пожарникарите ги изгаснале пожарите на станбените објекти и возила, а спасувачките екипи ја завршиле потрагата по евентуално затрупани лица.
Локалните власти информираат дека ударниот бран и експлозиите оштетиле најмалку 23 куќи, два хотела, еден ресторан и 34 возила во околината на местото на нападот.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија лансирала пакет од пет балистички ракети од типот „Искандер-М“ и/или С-400, како и две крстосувачки ракети „Оникс“ од северен правец. Противвоздушната одбрана успеала да пресретне една од ракетите „Оникс“, но балистичките ракети ја пробиле воздушната одбрана и ја погодиле целта.
Генералштабот на Вооружените сили на Украина нагласи дека погодениот полигон е приватен и не е дел од командната структура на украинските одбранбени сили. Во соопштението повторно беше потсетено дека од почетокот на целосната руска инвазија се забранети масовни собирања на воен персонал поради ризикот од откривање на локациите и нивно таргетирање од страна на руските сили.
Обвинителството отвори две паралелни истраги. Првата се однесува на руско воено злосторство и кршење на законите и обичаите на војната, додека втората ја испитува евентуалната службена небрежност при организацијата на настанот и дозволувањето масовен собир во услови на активна војна.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази сочувство до семејствата на загинатите и повторно нагласи дека заштитата на украинските градови од балистички ракети останува приоритет. Тој ја истакна потребата од дополнителни современи системи за противвоздушна одбрана, вклучително и системите „Патриот“.
Во меѓувреме, украинските власти ги повикаа граѓаните да не објавуваат фотографии, видеа и геолокациски информации од местото на нападот, предупредувајќи дека таквите содржини можат да му помогнат на рускиот агресор при планирањето на нови напади.
Според проценките на украинските колеги со кои контактиравме, руската „инвестиција“ во овој напад изнесува од 17 до 20 милиони американски долари.
Кијив во моментот на подготовка на овој извештај е мирен и вообичаено раздвижен. Мобилните апликации за воздушна тревога упатуваат на борбени дејствија во повеќе источно региони, како и на југот од земјата.
Извор: ЦивилМедиа.мк




