Мажот кој синоќа во центарот на Париз изврши напад со нож и при тоа уби едно лице, а повреди четворица, е роден во Чеченија во 1997 година. Француските медиуми, повикувајќи се на анонимни извори, јавија дека напаѓачот има француско државјанство.  Поради истрагата, родителите на напаѓачот се приведени.

По нападот, француската полиција го убила напаѓачот. Тој извикувал „Алах екбер“ (Бог е голем) додека го извршувал нападот.

Во синоќешниот напад со нож во францускиот главен град Париз едно лице е убиено, а четворица се повредени. Инцидентот се случи во центарот на градот во областа Опера, позната по ноќниот живот, привлекувајќи туристи од целиот свет. Мотивот за нападот се’ уште не е познат.

Во Франција на сила се безбедносни мерки од највисок степен по серијата напади во текот на изминатите три години – некои извршени од припадници на т.н. Исламска држава.