Седум луѓе загинаа, а 44 се повредени во комбинираниот руски напад со ракети и дронови врз главниот град на Украина, Кијив. Државната служба за вонредни состојби на Украина соопшти дека 20 лица се водат како исчезнати. Утре во Киев е прогласен Ден на жалост, пренесува Украинска правда.
Според медуимот, меѓу загинатите е и 12-годишно дете, а билансот на мртви и загинати можно е да расте, бидејќи службите сè уште бараат под урнатините.
Во нападот се урнала деветкатна станбена зграда, при што загинале двајца мажи на возраст од 21 и 30 години, како и жена чиј идентитет сè уште се утврдува.
Еден човек загинал и при напад врз бензинска пумпа.
Градоначалникот на Кијив, Виталиј Кличко, соопшти дека меѓу 44-те повредени има новороденче и едно дете. Тој рече дека се урнал дел од станбена зграда со 18 станови во Дарницкиот округ во Кијив.
Поради нападот, дополни тој, прекинато е водоснабдувањето во новиот дел на градот, на левиот брег на реката Днепар.
Украинскиот министер за внатрешни работи, Игор Клименко, изјави дека во потрагата и спасувањето учествуваат шест тимови со кучиња.
Градоначалникот Кличко соопшти и дека Киев го прогласил утре, петок 15 мај, за ден на жалост во спомен на загинатите во големиот руски напад врз главниот град.
Знамињата на сите општински згради ќе бидат спуштени на половина копје, а истото е препорачано и за знамињата на приватните објекти. Дополнително, на 15 мај во градот се забранети сите забавни настани, информираше Кличко.
Тој додаде дека расчистувањето на урнатините кај оштетената зграда во населбата Дарницки во главниот град сè уште трае. Спасувачките екипи продолжуваат со потрагата и спасувачката операција.
Во текот на ноќта меѓу 13 и 14 мај, Русија изврши комбиниран напад врз Киев. Таргетирајќи го Киев и други градови со стотици дронови, Русија го изврши најголемиот воздушен напад од почетокот на војната во Украина во период од два дена, соопштија украинските власти.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денес исто така информираше за билансот на жртвите и повредените, за активирањето на службите во потрагата под урнатините, а истовремено рече дека „Русите нападнаа возило на Обединетите нации“.
За време на хуманитарна мисија во Керсон, Русите двапати нападнаа возило на Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања со ФПВ-дронови. Русите не можеле да не знаат кое возило го гаѓаат, пиша тој на мрежата Х.
Според Зеленски, во возилото се наоѓале раководителот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања и уште осум вработени.
За среќа, никој не бил повреден. Персоналот на мисијата е евакуиран. И покрај тоа, значителен број ракети и дронови беа соборени за време на овие напади – вкупната стапка на пресретнување е над 93%. Секако, таа треба да биде уште повисока. И секако, најтешкиот предизвик е одбраната од балистички ракети. Им благодарам на сите што ни помагаат во ова. Мора да има праведен одговор на сите овие напади. И притисокот врз Москва мора да биде таков што таму ќе ги почувствуваат последиците од својот терор, пиша Зеленски.
Како што објави „важно е глобалните санкции против Русија да останат во сила“ и „многу е важно светот да не молчи за овој терор и да застане покрај Украина“.
Зеленски вчера обвини дека не е случајност тоа што еден од најмасовните и најдолготрајни руски напади врз Украина се случува токму во моментот кога претседателот на САД пристигна во посета на Кина.




