„Ова е мојата тајна – секогаш и секаде“. Вака гласи само една од пораките на интернет страницата на МОСАД, безбедносната служба на Израел. Нејзини членови ќе бидат наскоро и во Скопје за време на гостувањето на израелската фудбалска репрезентација кај македонската во квалификациите за Светското првенство во Русија во 2018 година. И тоа не е ништо невообичаено кога настапуваат клубови и национални селекции во Израел на меѓународната сцена.

14459809_10210048555306405_1035369894_n

Неколкупати доаѓале во Македонија, оделе насекаде во светот и не дозволуваат ништо да ги изненади. Така беше во случајот со екипата на Макаби Петах Тиква, во случајот со фудбалската репрезентација на последното гостување овде, со машката одбојкарска репрезентација. Во соработка со домашните служби се преземаат низа на мерки за заштита и обезбедување услови за безбедно чувство на нивните спортисти и кога тоа навидум не е потребно.

Она што, сепак, е поразлично овојпат за разлика од минатите е односот кон новинарите. Во официјалното барање за акредитација до Фудбалската федерација на Македонија се бараат и генералии од типот – адреса на живеење од лична карта, опис на работно место, назив на медиум, број на лична карта или пасош како и регистарски таблички на службени возила што ќе имаат пристап до поттрибинскиот простор на арената „Филип Втори“.

14470822_10210048555386407_1136534408_n

Така детални информации досега не биле барани од новинари иако во меѓувреме во Скопје престојувале селекции со далеку поголем фудбалски рејтинг и реноме од израелскиот како Англија, Холандија, младата репрезентација на Франција, европскиот шампион од 1992 година, Данска, Шпанија, Белгија и Русија, итн. Израелците очигледно не препуштаат ништо на случајот бидејќи тоа се лица што ќе имаат непосреден контакт и ќе бидат во близина на фудбалерите за време на официјалниот тренинг, на прес-конференцијата пред натпреварот и по него и во микис зоната за изјави, околу автобусот…

Пивоваров: Заканите по нивните спортисти ги прават да бидат посебни

„Правилата на игра“ за припадниците на МОСАД при придружба и обезбедување на израелски спортисти во странство се јасни. Се движат во цивилна облека да не привлекуваат внимание во јавноста, дозволено им е носење на оружје и целосно се потчинети на органите за безбедност во земјата во која гостуваат. Двете организации притоа имаат деноноќна комуникација, соработка и размена на оперативни сознанија од терен.

14445873_10210048555266404_987528772_n

„Секоја домашна служба си цени за заканите по нејзините граѓани што се присутни. Тие ценат дека во даден момент постои зголемен ризик, двете служби меѓусебно ги споделуваат сознанијата за безбедносни прашања што ги имаат“, вели Владимир Пивоваров, поранешен шеф на военото разузнавање. На прашањето што ги прави поразлични од останатите, Пивоваров додава:

„Посебни се дека имаат поголеми закани по безбедноста на нивните спортисти. Се функционира по протокол. Дозволено е обезбедување да врши странска служба и со дозвола на министерството домаќин нејзини припадници да носат и оружје“.

Агенти во цивилка и со оружје

Тие што се инволвирани во спортот, посебно во фудбалот, имаа прилика да почувствуваат каков е третманот на израелските спортисти, во случајот фудбалери, и поврзаноста со МОСАД кога гостуваа во пријателски меч во 2002 година. Хотелот во кој отседнаа беше под 24 часовен надзор на припадници на една од најреномираните и најтаинствени безбедносни организации во светот што по ништо не заостанува зад американската ЦИА, британската МИ6 или француската ДГСИ. Се држеа на око сите што влегуваат во објектот, беа присутни на сите катови, во фоајето, околу рецепција.

14469135_10210048555066399_1632127756_n

Членовите на МОСАД се постојана придружба на израелските спортисти во странство. Таков беше случај и при настапот на одбојкарската репрезентација во арената „Борис Трајковски“. Двајца израелски агенти беа на „бришан“ простор во салата. Облечени во цивилна гардероба и со оруже под маичките, во текот на целиот меч стоеја зад полето на Израел. Паралелно со натпреварот го „ловеа“ секој детаљ на трибините за нештата, можеби, не тргнат во погрешна насока. Иако мечот се играше пред едвај 200 гледачи, сепак, што е сигурно е сигурно за нив.  Тоа што е тајна е нивниот точен број на трибините, на стадионот, околу хотелот.

Пресвртен момент –олимпискиот масакр во Минхен    

Минхен. Олимписките игри во 1972 година во тогашна западна Германија засекогаш го промени израелскиот спорт. Оттогаш се посветува големо внимание на спортисти во земјата каде и да одат. Пресвртниот момент се случи утрото на 6 септември кога осум палестински терористи од организацијата „Црн септември“ влегоа во павилјонот со олимпијците од Израел. Ликвидираа двајца, а девет држеа во заложништво. Подоцна и тие беа убиени при акцијата на германската полиција за нивно спасување.

h_00416731

Пет од осумте терористи беа елиминирани во заложничката драма, останатите тројца и беа предадени на Либија по два месеца од нападот. Но, МОСАД не остана мирен. Немилиот настан во олимпиското село во Минхен беше причина за стапување на сцена на израелските безбедносни служби кои и две децении потоа континуирано спроведуваше атентати на сторителите и планерите на минхенскиот масакр. Народната „кога ќе се изгорите, ќе дувате и на ладно“ провејува и за претстојното гостување на израелската фудбалска репрезентација во Скопје.