Со доаѓањето на постуденото време, почна да се шири и нов бран на коронавирус во Европа. Повеќето земји воведоа голем број на епидемиолошки мерки, како носење на маска и забрана за собирање, но препорачаа и работа од дома. Австрија и Германија се „заклучени“, Австријците подготвија и предлог Закон за задолжителна вакцинација, но, сепак, има и земји како Обединетото Кралство каде во моментот на сила се благи мерки.
Имено, во цела Европа постои загриженост за појавата на нов Омикрон сој на коронавирусот, кој првпат беше откриен во Јужна Африка. Сепак, засега, видот Делта сè уште е најраспространетата варијанта на коронавирус во Европа, а СЗО предупреди дека Европа и Централна Азија се наоѓаат во опасност да регистрираат уште 700.000 смртни случаи до март.
До петокот напладне, на територијата на ЕУ, се изолирани 109 заразени Омикрон соеви на коронавирусот, соопшти Европскиот центар за превенција и контрола на инфекции.
Меѓутоа, за време на викендот, во некои земји се регистрирани нови пациенти кои биле заразени со нов вид на корона вирусот, пренесува „Јуроњуз“.