Со биланс од три победи, три реми и 10 порази заврши мандатот на Клаудио Раниери во Фулам. Премиерлигашот од „Кревен Котиџ“ му врачи отказ на италијанскиот менаџер по низата лоши резултати во англиското првенство и купови. Разделбата меѓу двете страни доаѓа по само 106 дена.

Раниери го прифати предизвикот во ноември, на кормилото го наследи Славиша Јокановиќ, но немаше среќа во намерата за што подолг престој во клубот.

„По разговорот, Клаудио Раниери изрази соглавност дека е потребна промена што е во интерес на сите. Беше џентлмен како и секогаш, но времето што го мина во Фулам не донесе очекувани резултати какви што се надевавме при промоцијата во ноември. Тој, сепак, не е единствен одговорен во оваа ситуација“, рече Шахид Кан, сопственик на Фулам.

Екипата моментно се наоѓа во опасната зона на табелата со големи изгледи да се врати во Чемпионшип по завршување на сезоната, а во ФА купот беше елиминирана од четвртолигашот Олдам Атлетик. До назначување на тренер, предводник на Фулам ќе биде Скот Паркер.