Новиот министер за здравство ќе биде од Алијансата на Албанците, но се уште не е одлучено кој  ќе биде, тврди за НОВА, Арбен Таравари.  Тој вели дека се уште не е одлучено кој ќе го наследи на министерската фотелја и не ги потврди шпекулациите дека Зијадин Села ќе биде новиот министер за здравство.  Таравари вели дека сите опции се отворени.

„Треба да седнеме со премиерот Заев и да се договориме. Се  е можно, можни се и други опции, но не верувам дека ќе биде Зијадин Села, изјави за НОВА, Таравари.

Сепак, извори за НОВА велат дека Зијадин Села лобира да застане на чело на Министерството за здравство. Одлуката ќе падне најверојатно попладне кога треба да се разговара со премиерот, а Таравари утре изутрина одлуката треба да им ја соопшти во кабинетот.

Таравари најави дека во текот на утрешниот ден ќе оди во Министерството за здравство каде ќе се консултира со правниците каква е процедурата, за кога да си даде оставка. Тој градоначалничката функција ќе преземе кога ќе заврши периодот на жалби, но вели дека нема да ја напушти лекарската професија.

„ Продолжувам со пациентите, нема да ги оставам. Секоја среда ќе бидам таму за нив. Законот ми дозволува 15 часа неделно да работам на клиника“, изјави Таравари.

Изминатиот период  се калкулираше со неколку имиња од лекарската фела кои ќе го наследат на местото министер за здравство, на кое  Таравари остана нешто повеќе од четири месеци.  Најновите настани на политичката сцена можно е да исфрлат и сосема ново име. Се чека исходот од преговорите со коалициониот партнер СДСМ.