Вечерва на полноќ истекува рокот за пријавување на листите за пратеници во ДИК, а се уште ниту една политичка партија не доставила предлог на листите, потврдуваат од ДИК за НОВА.

Од ДИК велат дека очекуваат листите да им бидат доставени во текот на денот.

„Откако ќе ни ги достават листите, ние имаме рок од 48 часа да ги разгледаме, а потоа ако има некои недоследности да им ги вратиме на исправка. Откако ќе им ги вратиме, партиите имаат рок од 48 часа да ги исправат недоследностите и да ни ги вратат назад“, велат од ДИК.

Од комисијата додаваат дека во текот на утрешниот ден ќе излезат со конечна информација и за гласачите, односно колку гласачи се пријавиле за гласање од дијаспората и колку гласачи од „спорниот“ список се пријавиле.

Досега листите ги објавија СДСМ и здружената опозиција, Коалицијата за промени и правда на ФРОДЕМ, ДС, МОРО- РП и ДЕМОС, ДУИ, ДПА и Либерална партија. Владејачката партија се уште не ги објавиле листите, а од партијата не сакаа ниту да потврдат дали нивните кандидати веќе поднеле барања за потврди за неосудуваност во Кривичниот суд.

Според пресекот на Државната изборна комисија, до вчера до 14 часот пријавени за гласање биле 16.720 македонски државјани кои живеат во странство од кои 14.156 се прифатени, одбиени 208, а во обработка се 2.356.